Македонија
„Македонија блокира“ ќе протестира пред Собранието против уставните измени

„Македонија блокира“ денеска ќе одржи протест пред Собранието со цел спречување на уставните измени. Протестот ќе се одржи во 12 часот. Во исто време во Собранието се одржува седница на која пратениците ќе гласаат за уставните амандмани за промена на Уставот.
,,Значи, во ист ден, во исто време, внатре во Собранието пратениците ќе гласаат за уставните амандмани, а надвор пред Собранието ќе биде народот да ги брани македонската држава и македонскиот народ. „Македонија блокира“, македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Македонија влегуваат во финална битка со марионетската власт во Скопје и нејзините странски ментори, кои сакаат со уставните измени да избришат сè што е македонско.
Целиот свет гледа дека Македонците се цврсто решени по секоја цена да го спречат геноцидот врз македонскиот народ. Соочени сме со историски момент, каде што е важно како Македонци да останеме свои на своето“, најави Јанко Бачев.
Според него, целта на сенародниот протест е со еден услов, а тоа е распуштање на Собранието и избори без Зоран Заев како премиер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работник почина на градилиште на автопатот кај Гостивар

Шеесетгодишен работник вчера го загубил животот на работно место при изведба на градежни работи на автопат во изградба, во атарот на селата Долно Ѓоновица и Симница, информираше полицијата.
Станува збор за Д.П. (60) од селото Врашчиште, кој бил вработен во приватна градежна фирма ангажирана на трасата од автопатот. Засега нема информации за причините кои довеле до неговата смрт.
Смртта на работникот ја констатирал лекар од приватна здравствена установа. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција со цел да се утврдат точните околности.
Полицијата информира дека по случајот ќе следи соодветна истрага.
Македонија
Коњановски потрошил милиони без ниту еден капитален проект, рече Куновски од СДСМ

Кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ, Методија Куновски, на денешната прес-конференција изјави дека доаѓа крајот на, како што ја нарече, „четиригодишната ера на разочарувања и промашувања на актуелниот градоначалник Тони Коњановски“.
„Битола заслужува градоначалник кој нема да работи за тебе, за мене, за мала група луѓе или за партијата, туку за сите граѓани. Човекот мора да биде пред сè“, рече Куновски.
Тој го обвини Коњановски за недомаќинско и хаотично работење, со бројни раскопани и нефункционални улици, долгови на јавните претпријатија и нереализирани капитални проекти.
„Јавните претпријатија се во долг од над 3 милиони евра, а ниту една нова машина не е набавена. Укинати се бесплатните 15 минути паркинг, а нови паркинг-места нема. Наместо спортски комплекс, нови кружни текови или училишта, добивме импровизиран кружен тек кај Стрелиште и сообраќаен хаос“, нагласи Куновски.
Кандидатот од СДСМ истакна и дека сметките на училиштата должат скоро 50 милиони денари, а некои објекти се затворени поради прокиснување на крововите.
„Жителите на повисоките делови од Битола секој втор ден немаат вода, а цената за водоснабдување е зголемена. Градинки нема за Бистрица и околните села, а градот е преполн со бездомни кучиња“, додаде тој.
Куновски го обвини Коњановски и за расфрлање со јавни пари.
„Немаше средства за ранливите категории семејства, а потроши повеќе од 4 милиони денари за кафеани и 10 милиони денари за нови возила од фирма блиска на министерот за надворешни работи“, рече Куновски.
Во своето обраќање тој порача дека битолчани ќе стават крај на ваквото владеење.
„После четири години застој и скандали, Битола ќе избере одговорна, отчетна и транспарентна локална власт“, заклучи Куновски.
Скопје
Османи: Чаир ќе стане центар на технологија, култура и младински идеи

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на средба со младите од општината ја претстави својата визија за „Новиот Чаир“, посветена на урбана преродба и создавање општина на иднината.
„Не можете да дизајнирате визија за Чаир без да ги вклучите младите кои сочинуваат речиси половина од населението. Тие се нашата најголема сила и највреден капитал“, истакна Османи.
Во рамки на својата програма, тој најави изградба на мултифункционален центар на плоштадот „Скендербег“, кој ќе вклучува дигитална и иновациска лабораторија, современа библиотека и културен центар за младинските уметнички и музички групи.
Според него, овој комплекс ќе биде „срцето на визијата за Новиот Чаир и симбол на урбаната преродба на општината“.
Програмата предвидува и општински стипендии за најдобрите студенти, создавање Фонд за иновации, како и Младински совет на Чаир, кој ќе управува со 5% од општинскиот буџет. Преку проектот „Таленти на Чаир“ најдобрите студенти ќе добијат можност за директно вработување во општинската администрација.
Османи вети и подобрување на јавните простори преку реновирање на парковите, воведување бесплатен интернет во јавните зони и организирање бесплатни обуки за дигитални вештини, програмирање и користење вештачка интелигенција.
„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од жителите се млади, тогаш мораме да го искористиме овој капитал и да изградиме општина на иднината“, порача Османи.