Македонија
Македонија назадува во борбата против трговија со луѓе

Македонија е земја извор, транзит и дестинација за трговијата на мажи, жени и деца за сексуална експлоатација и принудна работа, стои во најновиот извештај на Стејт Департментот за трговијата со луѓе. Втора година по ред Македонија добива помала оценка ТИЕР2, за разлика од 2011 до 2015-та година кога имаше оценка ТИЕР1.
Во извештајот се наведува дека иако македонските власти во 2016-та презеле повеќе мерки за превенција и осуда на трговијата со луѓе, сепак оценката останува ТИЕР2 поради недоволните напори за сузбивање на овој вид на криминал.
Жртвите на трговија со луѓе најчесто се од балканските и истоевропските држави коишто се принудени на експлоатација во ноќните барови и ресторани во Македонија, а особено се посочува проблемот со деца Роми коишто се принудени да питачат.
Трговијата со луѓе е најлошо прекршување на човековите права што носи огромни финансиски средства за организираниот криминал и терористите, оценуваат од Стејт Департментот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
„Двајцата соговорници изразија задоволство од одличната билатерална соработка и ја потврдија подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување во сите области од заеднички интерес. Во таа насока, министерот Муцунски ѝ упати покана на министерката Спиропали за билатерална посета на нашата земја, на која ќе бидат разгледани конкретни иницијативи за продлабочување на соработката“, соопшти Министерството.
Во телефонскиот разговор станало збор и за европската перспектива на двете држави и за заедничките активности на патот кон Европската унија. Во тој контекст, било потенцирано значењето на инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8 како проект од регионално значење.
Воедно, била нагласена важноста на негувањето на добрососедските односи, како и заедничкиот придонес на двете земји кон стабилноста и безбедноста во регионот.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 18 степени

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните јужни и источните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер. Во среда ќе има локални врнежи од дожд, а од четврток дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Ѓорѓиевски доби поддршка од Меџити и Бакиу

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој влезе во вториот круг од изборната трка, објави дека добил поддршка од новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и од кандидатот на коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу.
„Подадена рака! Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити и со кандидатот за градоначалник на Скопје од Коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу. Од нив добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје, поддршка која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред. Благодарам на сите кои ја препознавте визијата, дадовте доверба и избравте иднина за Скопје. Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него. Скопје го правиме заедно. По скопски! Победата ќе биде историска!“, напиша Ѓоргиевски на „Фејсбук“.