Македонија
Македонската амбасадорка повикана во бугарското МНР, за нападот врз клубот во Охрид е информиран Брисел
Бугарија на македонската амбасадорка во Софија ќе и’ врачи остар демарш по повод нападот врз бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
„Ова кривично дело е трет напад врз клубот ‘Цар Борис Трети’ за помалку од два месеца. Претходниот напад беше извршен пред само два дена, за што Министерството за надворешни работи испрати вербална нота до амбасадата на Северна Македонија во Софија. Ја забележуваме реакцијата на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, но категорично не прифаќаме вакви тешки кривични дела да се дефинираат како вандалски чин“, се нагласува во ставот на бугарското МНР.
Министерството очекува надлежните органи во Македонија во најкраток можен рок да преземат активности за откривање и изведување на лицето на правдата на „сторителите на злосторството врз клубот Цар Борис Трети“.
Веќе синоќа бугарските дипломати детално го информирале раководството на Европската комисија за инцидентот во Охрид. Веднаш по нападот на местото на настанот пристигнал бугарскиот конзул во Битола Димитар Иванов. Во просториите на клубот внатре биле пронајдени 8 чаури, пишува БГНЕС.
Македонското Министерство за надворешни работи синоќа го осуди оштетувањето на стаклото на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најстрого го осудува вандалскиот чин, при што меѓу другото со употреба на оружје се оштетени надворешните стакла на граѓанскиот клуб во Охрид. Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава“, се наведува во реакцијата за МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Кадровските промени доцнат во СДС затоа што никој не сака да биде дел од губитничкиот тим на Филипче
Кадровските промени доцнат во СДС затоа што никој не сака да биде дел од губитничкиот тим на Филипче. Ароганцијата, предавствата и лошите политики кои ги водеше Филипче, заедно со неговите претходници Ковачевски и Заев, им се удрија од глава, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Видни големи поддржувачи на СДС, според информациите кои стигнаа до нас, одбиле да бидат дел од раководството на СДС, само затоа што не сакале да бидат дел од партијата која некогаш беше државотворна партија, а сега спадна на едвај 120 илјади гласови, за кои заслужен е директно Венко Филипче, а и неговите претходници Ковачевски и Зоран Заев“.
Дел од овие луѓе со кои Филипче се има видено изминатиов период, нагласи Манасиевски, не сакале да бидат дел од раководството на СДС, само затоа што не го гледаат Филипче како нивен предводник во СДС.
Очигледно е, вели тој, дека во СДС има проблем во делот на консолидација, а тој проблем е директно Венко Филипче.
„Единствено решение и излез од ситуацијата во која се наоѓа СДС е Филипче да си поднесе оставка, а СДС да почне со внатрешни реформи“.
Македонија
Изнервирана затоа што бебето плачело, го удирала со раце и тупаници по устата и носот: Обвинителството поведе истрага против мајката
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишна жена со престојувалиште во ‘Ржаничино, која е осомничена за запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.
На 9 ноември во вечерните часови таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот 6-месечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со рацете и со тупаници по устата и носот нанесувајќи му повреди со крвавење.
Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот во кој престојувала осомничената и уште една пријателка, кои го однеле детето на лекарски преглед.
На Клиничкиот центар на детето му биле констатирани повеќе нови повреди – контузии и хематоми, но и постари подливи од претходни повреди. Во исто време констатирано е дека осомничената од раѓањето не го однела детето ниту на лекарски преглед ниту на вакцинација, меѓу другото, со цел да прикрие дека физички го удира бебето.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, пред сè, поради опасноста од бегство. Детето жртва за кое не е познат другиот родител е згрижено преку Центарот за социјални работи.
Македонија
(Видео) Мицкоски побарал да се стопираат исплатите од ИПАРД за да се види до каде одела злоупотребата: Ќе одговараат сите, од прв до последен
Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска беше во посета на фабриката „Костал“ во Охрид, негираше дека средствата од ИПАРД се блокирани по апсењата за корупција во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.
На прашањето дали се блокирани средствата од ИПАРД, Мицкоски одговори дека тоа не е точно, туку напротив дека е поздравена позитивната акција од страна на луѓето од Европската комисија.
Тој додаде дека побарал да се стопираат исплатите на парите од ИПАРД за да се види до каде одат злоупотребите.
„Мораме да видиме до каде одат злоупотребите. Првичните информации говорат дека тоа не е од сега туку години наназад тоа е правено, така што се ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен. Кој сака нека биде“, одговори Мицкоски на новинарското прашање.

