Македонија
Македонскиот полициски синдикат го повика членството да не се става во служба на партиите
Македонскиот полициски синдикат се обрати до членството за време на кампањата за парламентарните избори, со апел сите да си ја вршат својата работа согласдно законите предвидени за спроведување на изборниот процес. Ги повика членовите да не се ставаат во функција на политичките партии заради вршење изборни нерегуларности.
„ Секојдневно покажувате на дело како се сака татковината и како се извршува службата што Ви ја доверила истата.Исправени гордо пред браникот на нашата држава ја манифестирате Вашата човечност и саможртва оставајќи пример за идните генерации, пример за тоа како се сака и почитува својата татковина во време на бројни предизвици со кои секојдневно се соочувате, во минатото но и денес.
Токму од таа причина, како единствен репрезентативен синдикат кој се грижи за своето членство сакаме да Ви укажеме доследно да ги извршувате своите работи и работни задачи согласно законската регулатива на Република Северна Македонија која што го уредува спроведувањето на изборниот процес. Да не се ставате во функција на политичките партии заради вршење изборни нерегуларности, да не го нарушувате угледот на институцијата во која работите и да се воздржите од какви било провокации на активисти на политичките партии.
Само со професионален пристап и професионално работење за време на парламентарните избори 2020 година ќе се подобри интегритетот на вработените во безбедносните служби и ќе се зајакне довербата на граѓаните која тие ја имаат како за вработените во Министерството за внатрешни работи така и за вработените во Агенцијата за Разузнавање, Агенцијата за Национална безбедност и Управата за Финасиска полиција. Само така граѓаните ќе прифатат дека нашите активности на теренот се во нивни интерес, во интерес на безбедноста и стабилноста на нашата земја.
Безбедносните служби мораат да бидат надвор од партиските влијанија,затоа што само деполитизирани безбедносни служби можат да гарантираат безбедност, правна држава и непристрасно спроведување на законите за сите.
Истовремено ги повикуваме политичките партии и нивните локални преставници да не ги заплашуваат нашите членови и воопшто сите вработени во безбедносните служби со „нарачани мизерни соопштенија презентирани од презентери со растреперн глас и растреперни раце“ бидејќи времето на закани и уцени е едно минато време и никој повеќе неможе да ги заплашува преставниците на синдикатот и безбедносните служби.
На крајот ги охрабруваме сите наши членови да ги пријават сите вербални притисоци врз нив, и да не потклекуваат на било какви притисоци од било кого во делот на нивната приватна политичка определба. Ние како Македонски полициски синдикат ќе ги штитиме нашите членови со сите средства што ни стојат на располагање“ се наведува во апелот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

