Македонија
„Макстил“ доделува годишни стипендии за студенти и за средношколци
Десет студенти на државните технички факултети и уште пет ученици во средните стручни училишта на територија на Град Скопје ќе добијат стипендии од Макстил. Студентите ќе добиваат по 10.000 денари месечно во период од 10 месеци за академската 2024/2025 година и уште 15.000 денари еднократно на почеток на учебната година. Стипендијата од Макстил за средношколците изнесува 5.000 денари месечно за периодот на учебната 2024/2025 година.
„Со стипендиите сакаме да ги поттикнеме и средношколците, а и студентите изборот за своето образование да го насочат кон техничките науки, пред сѐ поради перспективноста на овие професии, а паралелно со тоа и поради дефицитарноста на овој образовен и професионален профил во земјава. Освен разновидноста и широкото поле на изучување, техничките науки се привлечни и со тоа што отвораат многу можности за кариерен развој. Со последните текови и движења, индустријата се повеќе бара и има потреба од профили од техничките науки и со тоа стануваат поконкурентни“, истакна Соња Алексиќ, директор за човечки ресурси во Макстил.
Право на аплицирање за стипендирање имаат сите редовни студенти на државните факултети од областа на техничките науки, а приоритет имаат студентите од Технолошко металуршки факултет, од Електро технички факултет и Машински факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Период за аплицирање за студентските стипендии е од 1ви септември до 31ви октомври 2024 година.
За средношколските стипендии право на аплицирање имаат сите редовни ученици во средните стручни училишта на територија на Град Скопје, со предност за учениците од СЕТУГС „Михајло Пупин“, СУГС „Владо Тасевски“, СУГС ЕМУЦ „8 Септември“, СУГС АСУЦ „Боро Петрушевски“ и СОСУ „Илинден“. Периодот за аплицирање е од 1ви август до 10ти септември, а изборот на стипендистите ќе се изврши најдоцна до 20ти септември 2024 година.
Вашите апликации можете да ги испратите во Секторот за човечки ресурси на следната е-мејл адреса, каде ќе можете да добиете и дополнителни информации: [email protected]
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

