Македонија
Манасиевски: Судијата кој одлучувал за враќање на пасошот на Јахоски треба да се разреши
Судијата кој одлучувал за враќање на пасошот на Јахоски треба да се разреши, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање за коментар по изјавата на судските власти дека гаранцијата од речиси 2 милиона евра е доволна да му се издаде пасош на Асмир Јахоски за напуштање на државата.
„Кога станува збор за случајот со Асмир Јахоски, едно е јасно – дека институциите треба веднаш да преземат активности. Прво, треба да се провери начинот на кој тој го добил привремениот пасош и, второ, следствено на ова, веднаш да биде разрешен судијата што му го дал овој привремен пасош. Замислете, доколку на секој осомничен за криминал, доколку сака да ја напушти државата, да оди на некакви забави надвор од државата, судот му дава пасош или му го враќа или му дава привремен, би настанал тотален хаос во државата“, рече тој.
Вчера, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Јахоски, кој, како што рекоа, го оштетил буџетот на државата за неверојатни 167 милиони евра и за кого се води постапка, ужива на Босфорот.
„Откога доби домашен притвор за кривично дело перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и потекло, синот на пратеникот на ДУИ сега можеме да го видиме во медиумите дека е на Босфорот, Турција. Судиите избрани од ДУИ и СДС му го укинаа притворот и му го одзедоа пасошот бидејќи тој даде милиони гаранција дека нема да бега, сега се поставува прашањето како е тој во Турција, каде што ги троши милионите што ги проневерил“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

