Македонија
МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија
Претседателството на МАНУ укажува дека Академијата никогаш не се занимавала и нема да се занимава со дневнополитички расправи и партиски дискусии, кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, односно со работи кои спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и на државните институции, се наведува во соопштението од МАНУ во однос на најавите од некои политички партии за основање на академија на етничките Албанци во Македонија.
– Напоменуваме дека во Македонија, како и во земјите во регионот и во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Постојат примери во државите во регионот и пошироко за формирање на т.н. струкови академии во рамките на соодветни стручни здруженија (Академија за архитектура, Академија за медицински науки и др.), како и други научно-уметнички друштва во поголемите градови и во регионалните центри, но нема примери за формирање на паралелни национални академии, се подвлекува во соопштението од Претседателство на МАНУ.
„МАНУ секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и од каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другото, во последните петнаесетина години, во составот на МАНУ членуваа четири члена со албанска етничка припадност (од коишто, во трите последователни раководства, еден од нив ја извршуваше функцијата научен секретар, а двајца беа потпретседатели на Академијата, од кои еден и со мандат во актуелното раководство на Академијата), како и четири члена надвор од работниот состав“, посочуваат оттаму.
МАНУ, се наведува во соопштението, претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, формирана во 1967 година, во согласност со највисоките универзални научни и уметнички стандарди и критериуми. Таа, повеќе децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, преку своето творештво и со советодавната улога, претставува столб во градењето и во зачувувањето на идентитетот и на државноста на македонскиот народ и на деловите од другите народи кои живеат во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

