Македонија
Манчевски и Адеми: Обезбедени ваучери за дигитални вештини за млади до 29 години
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, на денешната прес-конференција ја презентираа уредбата за доделување ваучери на млади лица за обуки за дигитални вештини.
Како што потенцираше министерот Манчевски, целта е да им се помогне на младите подготвени да се соочат со предизвиците кои се резултат на здравствено-економската криза, да бидат конкурентни за работни места каде што платите се повисоки и секако поради недостигот на ИКТ-кадар.
„Пандемијата предизвикана од Ковид-19 донесе нови правила на работа и неопходно е сите да се прилагодиме. Дигиталната трансформација и дигиталните вештини се наметнаа за неопходни како никогаш претходно. Преку ваучерите за дигитални вештини, со покривање на половина од трошоците, им овозможуваме на младите лица да добијат обуки со кои ќе бидат спремни брзо да најдат работа за повисока плата. Предвидуваме да се финансираат обуки за од најосновни до напредни дигитални вештини. Вкупниот буџет е во износ од 150.000.000 денари“, информираше министерот Манчевски.
Правните лица кои ќе се пријават, како и обуките кои ќе ги понудат ќе бидат селектирани од Дигиталниот форум. Дигиталниот форум е независно тело, во кое членуваат претставници на универзитетите со ИКТ-студии, четирите стопански комори, ИКТ-експерти и двајца претставници на институциите, односно Владата. Оваа одлука е донесена со цел јавноста да биде сигурна дека селекцијата на обуките ќе биде направена транспарентно и согласно потребите на пазарот на трудот.
„Обуките ќе опфатат дигитални вештини за управување со софтверски апликации и хардверски компоненти, вештини на напредно програмирање, вештини за употреба на дигитални технологии, како и поврзани вештини преку кои се овозможува употреба на информациско-комуникациски технологии. Дигиталниот форум ќе ја утврди листата на даватели на обуки за дигитални и обуките за дигитални вештини. Пријавувањето на младите луѓе, исто така, ќе оди преку националниот портал uslugi.gov.mk“, рече министерот Манчевски.
Министерот Адеми се осврна на пакетите мерки кои МОН ги обезбедува со цел помош и поддршка на младите. Станува збор за две уредби од кои првата уредба предвидува доделување средства за набавка на училиштен прибор, на средношколци кои потекнуваат од семејства со ниски приходи. Втората уредба предвидува доделување средства на студенти од семејства со низок приход, за покривање на дел од трошоците за партиципација за студирање или за сместување во студентски дом, односно приватно сместување.
„Уредбите се креирани во насока на одржување на ученичкиот и студентскиот стандард, јакнење на личната куповна моќ, како и за поддршка на процесот на стекнување дигитални и ИТ-вештини за поголема конкурентност и полесен настап на пазарот на трудот“, заклучи Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.

