Македонија
Маричиќ – Бока: Европската интеграција на Северна Македонија мора да продолжи со превземање на одговорноста и обврските на патот кон ЕУ
Првиот заменик претседател за европски прашања Бојан Маричиќ денес оствари средба со Јанос Бока, министерот за европски прашања на Унгарија.
На средбата се говореше за приоритетите на унгарското претседателство со цел зајакнување и поддршка на процесот на европските интеграции на Северна Македонија во периодот што следи. Унгарија како претседавач ќе биде фокусирана на проширувањето на Европската Унија со земјите кои се дел од пакетот за проширување со фокус на Западен Балкан и Северна Македонија и со посебен акцент на спроведување на реформите.
Унгарија претседава со Советот на Европа од 1 Јули 2024 до крајот на годината.
Маричиќ изјави дека државата мора да го продолжи процесот на евроинтеграција, кој е дел од меѓународните заложби и обврски за просперитет на регионот, Европа и сите граѓани на државата.
Превземањето на обврските и исполнувањето на долгорочните планови со Европската Комисија се од витално значење за прогрес на државата, меѓународните стратешки партнери и за развојот на геополитичката мапа на регионот и Европа.
Маричиќ ја истакна важноста од носење на важни одлуки за понатамошно реализирање на стратешките цели на Северна Македонија и регионот за која се залагаат и земјите членки на ЕУ, регионот на Западен Балкан и сите стратешки партнери на државата.
На средбата во фокус беше и одлучноста односно заложбата на Европската Комисија за Планот за раст за земјите на Западен Балкан, можностите и конкретните мерки со кои земјите кои се дел од Планот за раст ќе ги почувствуваат придобивките од неговата имплементација во претпристапниот период се до полноправно членство во унијата, каде што природно, географски и идеолошки припаѓаат.
Маричиќ и Бока се сложија дека во последните 2 години беа постигнати значајни резултати во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија, со реализација на скрининг процесот, отпочнувањето на преговорите за државата и комплетната подготовка за реализација на европската агенда на државата.
Европската интеграција мора да продолжи со превземањето на обврските на патот кон ЕУ со кои државата ќе се движи во правец на прогрес и значаен развој. Реализацијата на Планот за раст е исклучително важен процес, бара детално и вредно вклучување на сите капацитети со големи придобивки за државата и за сите граѓани во неа – рече Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.
Македонија
Објавен јавен повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси, соопшти Министерствто за транспорт
Министерствто за транспорт објави Јавен повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 полнилници. Согласно планот за набавка, 100 автобуси се наменети за Град Скопје, а останатите 50 за општините.
„Согласно критериумите во Јавниот повик, најповолниот понудувач има обврска да произведе и да ги испорача автобусите во следните рокови:
30 автобуси во рок од 6 месеци
60 автобуси во рок од 12 месеци
60 автобуси во рок од 18 месеци
Јавниот повик е објавен денеска на електронскиот сервис за Бирото за јавни набавки и истиот може да се погледне на следниов линк: https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie/fde19674-bc01-4b44-859d-a9202c88f3d3/1
Рокот за доставување на потребната документација e до 30 март 2026 година“.
Набавката на електрични еколошки автобуси, како што појаснуваат, претставува јасна политичка определба за заштита на животната средина како и подобрување на ефикасноста со јавниот превоз во Скопје и останите општини.
Оценуваат дека покрај еколошките придобивки, набавката на нови автобуси носи и економска исплатливост на подолг рок со намалени трошоци за одржување и енергија.
Ова, како што додаваат е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа. „Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и подобување на условите за граѓаните во делот на користење на јавниот превоз, како долгорочна инвестиција во транспортниот сектор и јавните услуги.
Македонија
(Видео) Зајкова: Колку жени треба да умрат за системот да се разбуди и да постапува
„Денес читаме наслов: 35-годишната жена чие убиство со поврзува со потенцијалниот сериски убиец, била следена од него и тоа било пријавено во полиција. Ова е наслов кој не смее да биде само уште една вест што ќе ја заборавиме утре. До кога ќе се молчи? Колку жртви треба да изброиме за некој да преземе одговорност?“, прашува во својата изјава за медиумите претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.
По немилите настани кои се случија во Кумановскиот регион, Зајкова потсетува дека иницијативата на ЛДП за електронска нараквица за следење на сторителите на насилство беше отфрлена во Собранието без сериозна аргументација. Денес, кога имаме две пријави против ист човек, една за давење, една за следење – и двете со име и презиме, се поставува прашањето зошто не било постапено од страна на надлежните институции?
„Зборуваме за општина со околу 3500 жители, не зборуваме за илјадници пријави дневно. Зборуваме за две жени кои побарале помош. Едната имала среќа и преживеала. Другата не. Првата јавно изјавува дека ништо не било преземено. Таткото на втората вели дека полицијата отишла кај осомничениот, но бидејќи не бил дома – тука завршило сè. Дали тоа е постапување? Дали тоа е заштита? До кога МВР ќе ги полни билтените со жени жртви на насилство, фемицид, убиства?! Дополнително, докторка констатирала насилна смрт кај двете жртви. Но, за едната не била побарана обдукција. Нејзините родители дури и не знаеле дека станува збор за насилна смрт. Како е можно, по констатација за насилна смрт, да не се побара обдукција? Каде повторно затаија институциите на системот. До кога молк од надлежните?“, прашува Зајкова.
Претседателката упатува прашања и до надлежните за тоа дали има внатрешна истрага во полициската станица и кој одлучил да не се преземат мерки? Кој проценил дека нема ризик и кој ќе ја сноси одговорноста ако се утврдат пропусти?
„Кога имате пријави за проблематично лице, кога жртвите ви го даваат ‘на тацна’ со име и презиме, кога се појавуваат сомнителни околности, а медицинско лице посочува насилна смрт – дали е логично да не се преземе ништо? Колку жени ќе беа спасени ако се реагираше навреме? Не бараме сензација. Бараме одговорност. Не бараме политички поени. Бараме институционално постапување. И најмалку што јавноста заслужува е – одговор. Престанете да молчите“, порачува претседателката Зајкова во изјавата.

