Македонија
Маричиќ-Бурк: По примерот на Ирска можеме низ дијалог да ја искористиме шансата за брзо членство во ЕУ
Денеска, на маргините на Преспа форум дијалог, делегацијата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се сретна со делегацијата предводена од министерот за европски прашања на Република Ирска, Питер Бурк.
На средбата беше разговарано за пристапните преговори со ЕУ, реформите, процесот на уставни измени и регионалната соработка.
– Северна Македонија е искусен кандидат за членство во ЕУ. Оваа година е клучна и за регионот и за Европа и имаме зрел момент со јасен план и мудри одлуки да бидеме успешна европска приказна, по примерот на Ирска, која добро процени дека решавањето на отворените прашања носи придобивки кои ги нуди европскиот проект, рече на средбата Маричиќ.
Маричиќ и Бурк се согласија дека неопходно е забрзано пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан и дека крајно време е сега да се остварат ветувањата од Самитот во Солун.
Ирскиот министер укажа дека Ирска е силен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ, бидејќи проширувањето придонесува за посилна и безбедна Европа, потенцирајќи дека членството во ЕУ треба да се заснова на критериуми кои се строги, но фер и дека билатералните спорови не треба да бидат дел од процесот на пристапување.
Вицепремиерот во таа насока посочи дека е важно да продолжи одличната и пријателска соработка меѓу двете земји и изрази уверување дека ваквите односи ќе придонесат за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
На крајот на средбата ирскиот министер му врачи на вицепремиерот книгата „Пофалба за Улис: Одисеја на читателот“ од Ден Мулхол, која има своја симболика во надминувањето на предизвиците и постигнувањето на целта, како суштински портрет на Ирска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожарникарите извлекоа паднат човек во реката Драгор
Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од ТППЕ Битола од 18.45 до 19.35 часот, со четири пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на извлекување паднат човек во река Драгор кај месноста „Сали Мост“.
Паднатото лице не било повредено.
Од ЦУК апелираат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени, да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита… и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 27 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.
До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Скопје
Делови од три скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија, Регионалниот центар за управување со кризи информира дека поради реконструкција денеска без снабдување со електрична енергија ќе останат делови од три скопски општини.
Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без напојување ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром.
Во периодот од 10:30 до 14:30 часот без напојување ќе останат корисниците дел од улица 16, на патот кон Визбегово во општина Карпош.
Во периодот од 13:00 до 14:30 часот без напојување ќе останат објектите на градинката Росица, на улица Мечкин Камен, број 45А. во општина Ѓорче Петров.