Македонија
Маричиќ-Вархељ: Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Брисел оствари средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељ, на која теми на разговор беа домашните актуелни политички настани, текот на скрининг-процесот и очекувањата пред објавувањето на извештајот за напредокот за 2023 година.
Маричиќ потенцира дека за Владата членството во ЕУ останува клучен надворешнополитички приоритет и дека се прават сите напори Северна Македонија да остане во процесот на преговори и да напредува со другите држави од регионот.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ на средбата го најави новиот извештај за напредокот на Северна Македонија за 2023 година за кој укажа дека во оваа фаза од процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ ќе ги постави многу повисоко целите, но и насоките во патоказите за подобрување на резултатите во сите области.
На средбата бил даден осврт и на новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан, со кој соговорниците беа согласни дека е добра и силна порака за регионот дека мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата.
Плановите на ЕУ и посветеноста на европската перспектива на Западен Балкан, според Маричиќ, членството во ЕУ го прави за нас дофатливо и реално и дека треба да го искористиме овој позитивен политички момент бидејќи, според него, ова е шанса што не знаеме кога и дали воопшто ќе ја имаме повторно.
Маричиќ денеска ќе се сретне и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ГД НЕАР), Герт Јан Копман и со еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан, а ќе земе учество и на дводневниот форум „Глобална порта“, на кој домаќинка е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ќе има и воведно обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сменет режим на ЈСП: Пет автобуски линии не сообраќаат до крајните дестинации
Пет автобуски линиии утрово не сообраќаат до крајните дестинации, по снежните врнежи.
„Од ЈСП Скопје известуваат дека мал број автобуси од приградските линии не сообраќаат до крајните дестинации. Станува збор за автобусите со броеви: 11, 64, 74, 80 и 81“, сопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму споделија информација за состојбата со врнежите од снег и состојба на патиштата до 09:00 часот:
Битолски регион
Во Општина Крушево, на регионалниот пат Крушево – Пуста Река (пат од втор приоритет), ќе се интервенира во претпладневните часови. Патот е прооден за теренски возила и возила со соодветна зимска опрема.
Во Општина Демир Хисар, поради дефект на електричната мрежа, без електрична енергија се корисниците во селото Големо Илино. Екипите на ЕВН се на терен и работат на отстранување на дефектот.
Охридски регион
Во Општина Кичево има патни правци кон планинските села кои сè уште се чистат, а се очекува истите да бидат целосно расчистени во текот на денешниот ден.
Штипски регион
Во Општина Виница, на повисоките населени места, има појава на голомразица и се препорачува внимателно управување со возилата.
Кумановски регион
Во Општина Ранковце, во текот на денешниот ден ќе се работи на расчистување на патните правци кон селата Герман и Огут.
Македонија
Љутков во Мадрид на средба со генералната секретарка на Светската туристичка организација
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој ја предводи македонската делегација во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, вчера во Мадрид оствари средба со Шаика ал Новаис, генерална секретарка на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO). Како што соопштија од Министерстовот, на средбата биле разгледани можностите за унапредување на соработката и поддршката во процесот на одржлив туристички развој.
Министерот Љутков истакна дека Владата стратешки го препозна туризмот како значаен економски сектор, што резултираше со негово вклучување во Министерството за култура, со цел воспоставување системски пристап и поефикасно управување со туристичките политики. Во таа насока, министерот информираше дека се работи на подготовка на нова Стратегија за туризам како клучен документ за понатамошен развој на секторот.
На средбата стана збор за улогата на туризмот во рамномерниот регионален развој, валоризацијата и заштитата на културното наследство, развојот на руралните подрачја и зголемувањето на конкурентноста на туристичката понуда. Посебен акцент беше ставен на потребата од системско евидентирање на туристичките ресурси и воведување индикатори за мерење на туристичкиот потенцијал по региони. Беше нагласено и значењето на полноправното членство на Македонија во UNWTO, како и можноста експерти на Организацијата да се вклучат во процесите на едукација и јакнење на кадрите во туризмот, со цел унапредување на квалитетот и професионалноста во секторот. Средбата беше оценета како значајна основа за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Македонија и UNWTO во наредниот период.

Претходно министерот Љутков оствари и работна средба со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан. На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на билатералната соработка во туризмот, како продолжение на разговорите започнати на Конференцијата КОП29 во Баку, при што беа разгледани можностите за отворање нов туристички пазар, потпишување Меморандум за разбирање, организирање B2B-средби и промоција на туристичката понуда на Македонија, со акцент на културен, верски, ено-гастро и активен туризам.
Во рамките на посетата, министерот Љутков денеска ќе присуствува на свеченото отворање на Меѓународниот саем за туризам „FITUR 2026“, што ќе се одржи во присуство на шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција.
Македонија
Крводарителска акција во чест на хуманоста на Тоше Проески во Домот на АРМ
Во рамки на традиционалните крводарителски акции на Црвениот крст на град Скопје и оваа година ќе се реализира крводарителска акција посветена на хуманоста и делото на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески, кого и покрај тоа што прерано нè напушти, засекогаш ќе го паметиме како симбол на хуманост.
Оваа крводарителска акција веќе прерасна во препознатлива и традиционална хуманитарна активност во Скопје, која секоја година обединува голем број граѓани, особено млади луѓе кои во ликот и делото на Тоше Проески препознаваат позитивен пример.
Годинава, акцијата ќе се одржи на 25 јануари 2026 година (недела), во холот на Домот на АРМ, во периодот од 09:00 до 17:00 часот. Во организација на акцијата се вклучува Општинската организација на Црвен крст Гази Баба, со поддршка на Институтот за Трансфузиона медицина.
Досега, преку овие крводарителски акции се собрани над 6.000 единици крв, при што особено охрабрувачки е големиот број млади и првократни крводарители кои активно се вклучуваат, инспирирани од пораките што ги пренесуваше Тоше.
„Доброволното крводарителство во Република Северна Македонија има една јасна и благородна цел – да се мотивираат што поголем број граѓани доброволно да даруваат крв, со што ќе се обезбедат неопходните количини крв и крвни продукти за навремено и успешно лекување на болните и повредените. Крводарителството ги негува вредностите на хуманост и солидарност, особено кај младите и придонесува за подигнување на здравствената култура и јавната свест. Крвта, како лек, сè уште е незаменлива и нејзиното обезбедување зависи исклучиво од хуманоста и добрата волја на крводарителите, кои доброволно, анонимно, бесплатно и солидарно даруваат крв. Затоа, мотивирањето и вклучувањето на населението во вакви акции е од исклучително значење за градење позитивен однос кон крводарувањето и за спасување човечки животи“, велат од Црвениот крст на град Скопје и Општинската организација на Црвен крст Гази Баба.
Од таму ги повикуваат сите хумани граѓани да учествуваат во оваа крводарителска акција и заедно, во духот на Тоше Проески, да покажеме дека хуманоста живее.

