Македонија
Маричиќ: Македонскиот јазик ќе го одржиме жив ако го користиме
По повод Денот на македонскиот јазик вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ се обрати на панел-дискусијата на која рече дека во сите преговори со Европската Унија и со Бугарија, секогаш клучна црвена линија бил македонскиот јазик.
– Никогаш не отстапивме од јазикот и немаме намера, ни право, да отстапиме. Токму затоа и успеавме македонскиот јазик да го вметнеме во преговарачката рамка, како јазик на којшто треба да се преведе целото европско законодавство, и на којшто веќе се преведува, и како јазик на којшто ги склучуваме и потпишуваме договорите со Европската Унија, рече Маричиќ.
За сентенцата на Блаже Конески, „Јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“, Маричиќ рече дека е „трајна порака и аманет од Конески за јазикот кој мораме да го одржиме жив и активен, за да ни биде жива и државата и македонскиот идентитет“.
– Го отсликува контекстот во тоа време кога е искажана, со целиот историски товар на македонскиот јазик и колку била тогашна Македонија цел на промена и на намери, и на напади, и на окупатори, менување на граници, системи и власти, јазикот ни бил константа. Тоа е во историски контекст. Товарот кој го носи оваа порака денес е многу поголем и е дел од нашата политичка агенда, посочи Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ смета дека јазикот ќе го одржиме жив ако го користиме, ако на него пишуваме и ако го негуваме, укажувајќи дека во Европската Унија јазикот е дел од идентитетот, и се негува како вредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.
Македонија
Силните дождови поплавија подруми и гаражи во Охрид
Локални дождови вчера и во текот на ноќта имаше на повеќе места во државата. Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Охрид, известува дека се добиени пријави на граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ дека колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода која поради обилните врнежи од дожд, бидејќи во тој период на пороен дожд количината вода била голема. За кратко време состојбата е санирана.
Од ЦУК потсетуваат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Препораките се да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Потсетување има и за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.