Македонија
Маричиќ: Националната стратегија е со цел да им обезбедиме подобар живот на граѓаните и создавање заедничка иднина
Првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ учествуваше на управниот одбор за проектот „Поддршка за изготвувањето на националната развојна стратегија на Република Северна Македонија“.
Првиот вицепремиер Маричиќ изразувајќи поддршка за националната стратегија, му честита на вицепремиерот Битиќи за неговата упорност, доследност во процесот на водење и реализација на стратегијата, што претставува сериозен процес на креирање разумни цели, разумни политики, кои се базираат на досегашниот тек на нашата држава и на научените лекции од овој досегашен тек.
Во продолжение Маричиќ им се заблагодари на УНДП за целиот процес на спроведување на националната стратегија за развој и на сите партнери што помогнаа во овој процес, ОН, генерално, како рамка, Обединетото Кралство и Словачката Република како главни партнери.
„Она што мене лично како носител на процесот на европските интеграции ми беше важно и го има е што овој документ го зеде сериозно предвид стремежот на Република Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ и што усогласеноста на областите и целите со стратегиите, политиките и законодавството на ЕУ се еден од темелните принципи на овој документ, што јасно упатува на една заедничка координирана акција на сите фактори во општеството што дејствуваат во оваа насока.
Верувам дека со отворањето на кластерите и подготовката на преговарачките позиции, документи, сите оние суштински формални делови на преговарачкиот процес, ќе дадат дополнителен импулс на имлементација на оваа стратегија, но исто така и ќе црпат и инспирација од оваа стратегија и ќе биде извор на референтна точка и извор на креирање на овие документи, а се со цел да обезбедиме подобар живот на граѓаните и исполнување на целите на ова општество“, рече Маричиќ.
За крај, првиот вицепремиер Маричиќ даде предлог во воведниот текст на нацрт-стратегијата во втората реченица и наместо „особено имајќи го предвид стремежот на Република Северна Македонија да се приклучи кон Европската Унија (ЕУ) до 2035 година…“, да стои „до 2030 година“, која е стратешка определба за нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

