Македонија
Маричиќ: Во следните 4 години ќе се градат по 23 километри автопат годишно
„Во последните 32 години во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. А сега, со изведбата на коридорите 8 и 10 д, во следните 4 години ќе се градат по 23 километри автопат годишно“, рече вицепремиерот Маричиќ на синоќешната отворена трибина во Штип, на тема: „Градиме македонски, градиме европски!“
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, рече дека со реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега, изведбата на коридорите 8 и 10 д, кои се паневропски коридори, првпат, по 30 години, преку нова и модерна патна инфраструктура ќе се поврземе со исток и запад.
Тој додаде дека изградбата на коридорите 8 и 10 д значи нови 8.000 работни места и нови инвестиции од 1,3 милијарда евра, но и отвора можности за нови бизниси.
„Со изградбата на нова модерна патна врска на исток и запад обезбедуваме и рамномерен регионален развој и конекции со пристаништа во Драч и во Бургас за брз и полесен извоз на македонски производи и за увози на стоки и опрема за македонските компании“, посочи Маричиќ.
Маричиќ се осврна и на активните градежни активности на македонските патишта, но и на годишниот завршен проект за реализација на источниот дел на паневропски коридор, магистралниот пат Куманово – Страцин, инвестиција вредна 12 милиони евра, како дел Коридорот 8.
„На македонското градилиште пред десеттина дена го видовме пробивањето на вториот тунел на Фаришка Клисура на делницата на патниот правци Градско –-Прилеп. Во полн ек на работите со тоа почнаа завршните градежни активности на патниот правец Прилеп – Битола, кој како современо автопатно решение од Коридорот 10 д ќе нè поврзе со Меџитлија кон грчката граница“, рече Маричиќ.
Тој пред присутните штипјани нагласи дека на овој начин се зајакнуваат и транспортните врски со регионот, со што се поврзува Западен Балкан соодветно на стандардите на Европската Унија.
„Кога ќе биде готов и Коридорот 10 д, со поврзувањето со автопатната мрежа Миладиновци – Штип, Штип – Радовиш и Штип – Кочани, добиваме современа европска патна трансверзала и стратешки важен патен правец за дополнителен економски развој на регионите што ги поврзува“, порача Маричиќ.
На крајот на своето обраќање Маричиќ потенцира дека нема да застанат со градежни зафати бидејќи, како што рече тој, создавањето модерни патни делници го трасираат патот кон исполнување на нашите европерспективи.
„Знаеме дека и тоа е еден од неопходните чекори и за исполнување на целта – членство на Северна Македонија до 2030 година. За нас, ветувањата одат секогаш со исполнување на ветеното. Како застапници на европските вредности, оваа Влада не гради проекти за политички поени како што тоа се правеше во едни други времиња. Градиме инфраструктурни проекти што ќе значат подобар живот, подобар стандард и подобро утре за сите нас“, рече Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.
На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.
Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови
Македонија
Гаши – Грлиќ Радман: Континуирана и цврста поддршка за евроинтеграциите
Претседателот на Собраниетo на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата. На средбата присуствуваше и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на европската перспектива на државата, како и за севкупната билатерална соработка што се развива во духот на меѓусебна почит, разбирање, солидарност и партнерство. Тој нагласи дека особено се цени подготвеноста на Хрватска да ја споделува својата драгоцена експертиза и искуство од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство.
Беше истакната и важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави се силно посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности, принципи и одговорности на Алијансата.
Двајцата соговорници се сложија дека политиката на проширување на Европска Унија претставува стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот како и на целиот европски континент, а беше поздравена и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што Република Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер.
Исто така, соговорниците нагласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска секогаш негувале пријателски однос, базиран на висока почит кон човековите, националните, културните права на малцинствата кои студираат, работат или живеат во двете држави, што претставува позитивен пример во регионот и пошироко.
Гаши изрази увереност дека посетата на министерот Грлиќ Радман ќе придонесе за дополнително зацврстување и унапредување на односите меѓу двете држави на сите полиња од заеднички интерес, како и дека Република Северна Македонија и натаму ќе смета на силната хрватска поддршка за нејзина интеграција во Европската унија.
Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.

Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, кои се традиционално пријателски и партнерски, како и можностите за нивно понатамошно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за европските аспирации на двете држави, соработката во рамките на НАТО алијансата и актуелната безбедносна состојба на европскиот континент, како и за соработката во рамки на регионалните иницијативи.

Беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и институционалната соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.

