Македонија
Маричиќ: Судската реформа клучна за пристапување во ЕУ, имаме уште за работа
Денеска во Брисел заврши дводневниот билатерален скрининг состанок за Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права“, кој покажа дека имаме системски капацитет и подготвеност да го надоградиме со европските правила на функционирање.
– Спроведувањето на судската реформа ќе биде пресудна во преговорите со ЕУ. Членството во Европска Унија е наша стратешка цел, а сите обврски кои треба да ги исполниме за да успееме во тоа, ги преземаме заради обезбедување на граѓаните ефикасни институции кои ќе работат врз европските стандарди и принципи, рече вицепремиерот Маричиќ.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, истакна во Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права“ бара темелен пристап и дека нè чека уште многу работа, но дека политичка волја и заложба има за спроведување на реформите со видливи резултати.
– Политичка волја имаме и спремни сме за забрзано реформирање, со конкретен план и задачи за секоја институција. Усогласеноста е на добро ниво, сега мораме да се фокусираме на активностите кои ќе дадат мерливи резултати, кои имаат директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните, посочи Маричиќ.

Според него процесот на проширување ќе биде движечка сила за реформите, за демократијата, слободата на медиумите, граѓанските слободи и владеењето на правото и сите институции треба максимално да се посветат.
Главниот преговарач е убеден дека може да се исполнат задачите кои Европската комисија ги бара во оваа област и најави дека следува период во кој ќе се работи на планирање на реформите и подготвување на Патоказот, кои треба во пракса да дадат брзи резултати.
Во овие два дена македонскиот преговарачки тим презентираше на три теми: Антикорупција и фундаментални права, со акцент на антикорупциската политика и законодавството во однос на справување и борбата со корупцијата, административните капацитети и инструменти, евиденција, степенот на усогласеност и судство, низ дваесет и четири презентации.
Билатералните скрининг-состаноци за Кластер 1, „Фундаментални вредности“ продолжуваат следната недела. В понеделник ќе се одржи билатерален скрининг за областа „Економски критериуми“, во вторник за областа „Реформа на јавната администрација“ и Поглавје 32 „Финансиска контрола“, а со среда ќе се одржи билатералниот скрининг-состанок за областа „Функционирање на демократските институции“. Билатералните скрининзи за трите области Економски критериуми, Реформа на јавната администрација и Функционирање на демократските институции се одржуваат за прв пат согласно новата Методологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.

