Македонија
Маричиќ: Унијата мора да биде похрабра во однос на политиката на проширување
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес се обрати на економскиот форум на „Фајнанс тинк“ истакнувајќи ја важноста на реформите и придобивките од процесот на европската интеграција на земјата, со фокус на економијата и економскиот развој.
„Стабилни и демократски институции се почетна точка за економски развој. Процесот на европска интеграција е суштински фактор за успешна трансформација на земјите од регионот. Овој процес ќе даде силен поттик и нова динамика на спроведување на политичките и економските реформи, со цел побргу да се достигнат европските стандарди“, рече Маричиќ потенцирајќи дека Унијата мора да биде похрабра во однос на политиката на проширување, што неминовно ќе доведе до мотивација и импулс и на граѓаните и на економијата, но и на граѓанското општество, да бидат поактивни, па и во бизнис-можностите и искористување на европските пари за развој на економијата.
Вицепремиерот Маричиќ истакна дека сите стандарди не може да се постигнат во ист момент и дека за тоа треба време.
„Токму затоа ни е потребна помош во овој процес и од економските оператори и од граѓанскиот сектор затоа што колку потесно гледаме во остварувањето на потесниот интерес на краток рок, толку потешко ќе ни биде потоа да спроведеме вистински реформи за вистинско интегрирање на заедничкиот пазар“, додаде Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ говореше и за спроведувањето на ИПА, како и програмирањето на оваа и идната година, но и за приоритетот што го постави Влада во изминатите 5 години, истакнувајќи дека има уште многу за работа во подобрувањето на имплементацијата, која ќе се движи во насока на зајакнување на економијата паралелно со европските интеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

