Македонија
Маричиќ: Целта ни е подобар живот на граѓаните – тоа е ЕУ, важна е поддршката од европските партнери за напредок
Денеска, на иницијатива на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, се одржа состанок со евроамбасадорот Дејвид Гир и шефовите на мисиите на ЕУ во нашата земја, на кој се разговараше на повеќе актуелни политички теми, со фокус на динамиката на процесот на преговори со ЕУ и реформите.
„Правиме напори да ја промениме атмосферата што владее кај опозицијата за уставните амандмани и ова е во овој момент од најголема важност за нас, момент од кој зависи следниот напредок и задржување на европскиот дискурс на државата“, рече Маричиќ.
Тој додаде дека реформите се високо на агендата на Владата и дека веќе се дефинирани клучните и најитни приоритет што ќе се испорачаат, без понатамошно одлагање, а се однесуваат на именувања на јавни функционери, нова нацрт-стратегија за реформа на јавната администрација (2023-2030) со акцискиот план (2023-2026), како и стратегијата за реформи во правосудниот сектор, која е во завршна фаза.
„Со нетрпение очекуваме позитивни сигнали и охрабрување за вашите услуги, но и рационалниот пристап на земјите членки на ЕУ е од исклучителна важност за Северна Македонија“, рече Маричиќ изразувајќи очекување дека што побргу ќе ги добиеме и скрининг-извештаите за кластерите за кои сме го завршиле скринингот.
Од страна на шефовите на мисиите на ЕУ беше дадена поддршка за процесите што ги води Северна Македонија и непоколебливиот пристап на Владата да направи нов напредок кон ЕУ посочувајќи дека, покрај уставните измени, Владата мора да остане исто така фокусирана и на реформската агенда за во наредните 7 години да може успешно да ги заврши обврските и задачите што ги има државата во текот на преговори со ЕУ.
На состанокот вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ, кратко ги брифира за скрининг-процесот за кој рече дека се одвива според планираниот календар и дека го цениме нацрт-скрининг извештајот за Кластерот „Фундаментални вредности“, кој даде насоки и беше добра основа за изработка на клучниот документ за отворање на Кластерот 1, „Патоказот за владеењето на правото“.
Маричиќ, кој на состанокот беше придружуван од државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили, ја искористи можноста и ги информира амбасадорите на ЕУ за текот на кампањата „Ние сме Европа“ посочувајќи дека е важна поддршката од европските партнери во овој клучен момент и ја искористи можноста да ги покани да земат активно учество во неа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јовановски за пријавата од Кичеец: Ова е почеток на една битка со цела криминална банда
Зоран Милевски-Кичеец го пријавил Бојан Јоавновски – Боки 13 во полицијата.
Ова се однесува на статусот што Јовановски го објави вчера, а каде посочи дека лица блиски до Кичеец му се закнуваат.
Јовановски вели дека Кичеец е човек кој се огрешил пред законот, а не одговарал за тоа и неговата реакција е очекувана.
„Ова е почеток на една битка и разрешница со цела криминална банда, а во таа криминална банда еден од предводниците е Зоран Милевски-Кичеец“, рече Јовановски.
Неговиот адвокат, Владимир Туфегџиќ, ги оцени наводите на Киччец како неосновани, и укажа дека за лажното пријавување очекува одговорност.
Како што појасни Туфегџиќ, пријавата се однесува на три кривични дела загрозување на сигурноста, демнење и кривично дело лажно пријавување. Ги отфрламе сите наводи, рече Туферџиќ, бидејќи сметаме дека не постојат законски основи за понатамошно процесуирање.
Јовановски претходно на „Фејсбук“ објави дека лица блиски и под команда на Зоран Милевски-Кичеец веќе неколку дена кон него делуваат преку разни форми на закани и притисоци со цел да го откаже второто гостување во подкастот кај Лазаров. Воедно, како што објави Јовановски, заканите и уцените кулминирале кога пред влезот на неговиот стан го пречекале две лица да му пренесат порака од Кичеец.
Скопје
Оваа сабота во Јавна соба: базар на „втора рака“ облека, накит, книги и детски играчки
Трендот во големите градови и култура е рециклирање и рекреирање на веќе постоечкото. Колку понапредни општествата – толку повеќе се рециклира, се води сметка за животната околина и сè погласна и популарна е “second hand” модата.
Скопје полека ја прегрнува оваа нова филозофија, но колку е поголема и подобра понудата – толку повеќе ќе има интерес од страна на потрошувачите и ќе има поголем успех.
Оваа сабота (11 мај) во Јавна соба, под слоганот “Second hand е подобро од ново” започнува Базарот каде што посетителите можат да си набават добро сочувано парче гардероба, чевли, накит, книга или можеби некоја играчка. Ќе има бројни штандови со разноразни парчиња кои дефинитивно заслужуваат втора шанса.
И сето тоа во еден забавен, опуштен и пријателски амбиент, еве неколку причини зошто е подобро да купувате работи од втора рака:
– Заштеда на пари
– Помагање на животната средина и зачувување на природните ресурси
– Поддржувате локален и мал бизнис
– Развивате уникатен стил
– Имате чувство како да сте во потрага по богатство
Македонија
На ден пред двојните избори гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и дијаспората
Денес своето право на глас први ќе го остварат болните и изнемоштените лица, како и затворениците во казено-поправните домови во државата.
Од Државната изборна комисија информираа дека за претседателските избори ќе гласаат 11.123 болни и немоќни лица, а за парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи или ќе гласаат 11.225 болни и немоќни лица.
Освен изнемоштените и затворениците, денес своето право на глас ќе го остварат и пријавените македонски државјани од дијаспората, но единствено за претседателските избори. Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе поради недоволен број пријавени.
На овие парламентарни избори поднесени се 17 кандидатски листи, за парламентарните избори од кои 16 на политички партии и коалиции и една од група избирачи. На изборите учествуваат 61 партија. Од нив, 11 самостојно, а 50 во пет коалиции.
На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство. Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи.