Македонија
Маричиќ: Човековите права ќе бидат показател за подготвеност за членство во ЕУ
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, по повод Меѓународниот ден на човековите права вели дека човековите права ќе бидат показател за подготвеноста на нашата земја за членство во ЕУ.
– Сеопфатната заштита на човековите права преку законодавната и институционалната рамка, административните капацитети, и се разбира спроведувањето, ќе биде еден од главните показатели за подготвеноста на нашата земја за влез во ЕУ, од почеток до крај на пристапните преговори, објави Маричиќ на својот фејсбук-профил.
Вицепремиерот посочи дека заштитата, промоцијата и почитувањето на човековите права се основен предуслов за мирот, демократијата и одржливиот развој, а Северна Македонија, како земја преговарач и идна членка на ЕУ, мора да продолжи во насока на зајакнување на заштитата на човековите права.
– Нашата безрезервна посветеност на европскиот пат, водена од заедничките вредности, е најдобра потврда дека Владата останува целосно посветена на унапредување на универзалните вредности на човековите права со единствена цел: градење држава во која граѓаните ќе се чувствуваат слободни, еднакви, сигурни и достоинствени, наведе Маричиќ.
„Човековите права ќе бидат показател за подготвеност за членство во ЕУ.
Сеопфатната заштита на човековите права преку законодавната и институционалната рамка, административните капацитети, и спроведувањето, ќе биде еден од главните показатели за подготвеноста на нашата земја за влез во ЕУ, од почеток до крај на пристапните преговори, наведува Маричиќ.
„ Меѓународниот ден на човековите права нè потсетува на нашата должност за нивна заштита, промоција и почитување, како основен предуслов за мирот, демократијата и одржливиот развој. Како земја преговарач и идна членка на ЕУ, мораме да продолжиме да дејствуваме во насока на зајакнување на заштитата на човековите права.
Нашата безрезервна посветеност на европскиот пат, водена од заедничките вредности, е најдобра потврда за нашата искрена намера секојдневно да ја подобруваме положбата на човековите права на сите граѓани, без разлика на нивните различности“ додава тој.
Според Маричиќ, воената агресија во Украина покажала дека и денес целите за зачувување, натамошно подобрување и почитување на човековите права повторно се исправени пред големи предизвици.
Затоа денес, вели Маричиќ, кога на тлото на Европа се брани демократијата, слободата и владеењето на правото, повеќе од било кога треба да посветиме внимание на заштитата на човековите права и слободи, за да може да зборуваме за иднината и вистински напредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Орце продолжува со скандалозни назначувања, партиски кадар со криминално досие на чело на Зоолошката, велат од Левицата
Левицата предупредува дека најавите за ново раководство во Зоолошката градина во Скопје претставуваат уште еден алармантен пример за тоа како градската власт ја сфаќа одговорноста кон јавните институции – како партиски ресурс, коалициски плен, места за негување хирови и амбиции на партиски кадри.
„Откога за в.д. директор на ЈП ‘Градски паркинг’, градоначалникот Ѓорѓиевски назначи лице што ВМРО-ДПМНЕ претходно го обвинуваше за сериозни злоупотреби, сега оди чекор подалеку, со намера на чело на Зоолошката градина да постави лице осудувано за кривично дело поврзано со животни.
Наместо транспарентна постапка, стручност и интегритет, сведочиме на обид за инсталирање лице со сериозно контроверзно минато на чело на установа, која со години е симбол на негрижа, скандали и трагични последици врз животните. Фактот дека станува збор за поранешен партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, со судски утврдени дејства поврзани со измама со животни, отвора сериозни прашања за моралниот и етичкиот компас на градската власт, но и за мотивите зад ваквото назначување“.
Според оваа партија, по сите пцовисувања, извештаи за лоши услови, институционален хаос и целосна загуба на довербата кај јавноста, Зоолошката градина, како што додаваат, има потреба од радикална професионализација, „а не од политичка рехабилитација на кадри како Стево Ќирков (Стефан Кирков) со дамки во биографијата.
Во согласност со информациите, лицето Стево Ќирков неодамна било осудено на условна казна за измама со животни, односно за тоа што измамувал граѓани продавајќи им кучиња за 600 евра, без да им обезбеди педигре, иако претходно тоа било ветено. Во самата пресуда, врз основа на сведоштва, се наведува дека ова лице било познато и по други слични измами на повеќе лица. Дополнително, во 2021 година Ќирков издржува и три месеци затвор поради непокриени трошоци во друга судска постапка“.
Прашуваат дали против ова лице во моментот се води и друга истрага за кривично дело.
Бараат итно преиспитување на оваа намера од страна на Ѓорѓиевски.
„Јавниот интерес, безбедноста и благосостојбата на животните мора да бидат над партиските калкулации и амбициите на партиските другари“.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Граѓаните го видоа предавството на Македонија во Собранието, мигранти за пари
Граѓаните го видоа предавството на Македонија, овде, во Собранието и тоа во живо. Премиерот Мицкоски вчера побегна од пратеничките прашања. Побегна од вистината. Побегна од дебата за Резолуцијата на СДСМ со која јасно и недвосмислено се затвора прашањето за мигранти во Македонија, вели Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.
„Еден ден претходно замина за Брисел. Зошто? За да избега од прашањата и од дебата за Резолуцијата. Откако побегна премиерот, побегнаа и неговите министри. Затоа, во знак на протест против ваквото понижување на Собранието и на граѓаните, пратениците на СДСМ ја напуштија седницата. ДПМНЕ свесно и намерно побегна од расправа во највисокиот законодавен дом, меѓу избраните претставници на народот кои имаат уставна обврска да расправаат и да одлучуваат за најважните национални прашања“.
Резолуцијата на СДСМ, додава тој, не беше поднесена затоа што ДПМНЕ не дозволи ниту дебата, ниту разговор, ниту гласање.
СДСМ, нагласува Димитријевиќ, нема да биде соучесник во ова национално предавство, мигранти за пари.
„Нека си ја потпишат таа предавничка Резолуција сами. Нека си ја гласаат сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ. Тие многу добро знаат што потпишуваат – предавство на Македонија. А знаат и што следува за предавство. Сега веќе на сите им е јасно: планот е прво избори, а потоа – мигранти во Македонија, за пари.СДСМ, заедно со граѓаните, ќе ги искористи сите демократски механизми за да се спротивстави на ова национално и државно предавство. Ова нема да им помине“.
Македонија
Куќен притвор и 24-часовен надзор за Љупчо Пецов-Ѓаволот, доставил документи за влошена здравствена состојба
Во текот на вчерашниот ден во Основниот кривичен суд Скопје пред судија на претходна постапка беше спроведен Љупчо Пецов-Ѓаволот, на кој од претходно, со решение на судот, му е определена мерка притвор од неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода во предметот за јавноста познат како „Синџир“, соопшти судот.
„Со оглед што тој доброволно се пријавил на органите на прогонот и од неговата одбрана е доставена медицинска документација според која тој има влошена здравствена состојба, а воедно надлежниот јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред судот, наместо мерка притвор, предложи на обвинетиот да му се определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24-часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката“.
Со оглед на сето тоа, судија на претходна постапка, информираат од судот, го прифатил предлогот на ЈО и на обвинетиот му определил мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно одземени му биле и двете патни исправи.
„Против решението на судијата дозволено е право на жалба пред Кривичниот совет“.

