Македонија
Маркетите со закон ќе бидат обврзани да ги објавуваат цените на веб-страниците, вели Мицкоски за мерката што не се применува
Маркетите законски ќе бидат обврзани на веб-страници јавно да ги објавуваат цените на сите производи што ги нудат. Оваа мерка, која лично премиерот Христијан Мицкоски ја предложи, беше најавена во последниот пакет-мерки за намалување на цените на производите, но сè уште не се применува оти се потребни законски измени.
„Во парламентот ќе имаме законски измени, треба првин тие да се донесат за да може потоа сето ова да се примени. Иако тоа наиде на потсмев кај одредени медиуми и кај опозицијата, таканаречениот израелски модел, гледаме доста од европските влади веќе го прифаќаат како таков. Ние бевме меѓу првите, во собраниска процедура е измената на законот. Откога ќе биде завршена и донесен законот, сметајте дека тие ќе бидат обврзани и ќе мора да го почитуваат сето тоа“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања денес во Владата.
Објавувањето на цените на сите производи како мерка премиерот Мицкоски го предложи пред две недели за да може граѓаните јасно да видат колкави се цените и да одлучуваат каде ќе пазаруваат.
Обврската за објавување на цените на сите производи кои ги нудат маркетите се предвидува со измени на Законот за заштита на потрошувачите предложени од парламентарното мнозинство. Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, извести дека предложените измени денес влегуваат во собраниска процедура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

