Македонија
Мартин – Османи: Ирска мораше да го смени Уставот за влез во ЕУ, но се исплатеше
Заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи и одбрана на Ирска, Михол Мартин ја охрабрува Северна Македонија да ги заврши успешно уставните измени што престојат, за непречено чекорење кон полноправното членство во Европската Унија. По средбата со министерот за надворешни работи, Бујар Османи во Даблин, Мартин истакна дека таква обврска имаше и Ирска пред да стане земја членка на Унијата, но дека вредеше, пошто со тоа следеше позитивна трансформација на земјата.
„Од перспектива на ирската влада и ирскиот народ, на референдумот гласавме да се откажеме од нашите територијални претензии во Северна Ирска како дел од компромисот што сите требаше да го направат за да се постигне мир во Ирска. Мило ми е што можам да кажам дека успеавме. Имавме 25 години мир и за помладите генерации сега е нешто што треба да се научи во историските книги во однос на конфликтот, бидејќи нивната реалност е реалноста на мирот и подобриот квалитет на живот,” истакна Мартин.
Шефот на ирската дипломатија се заблагодари за професионалното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ, во тешките околности во кој се наоѓа светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски за платите на функционерите: се намалуваат за над 10.000 денари, законското решение е согласно Устав
„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:
„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.
Македонија
Бесплатен логопед за децата од Општина Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпиша меморандум за соработка со здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможува индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Со ова, децата од Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
„Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања“, вели Митевски.
фото/Depositphotos
Македонија
Политичарите да се воздржат од коментирање на одлуката за притворот на Груби, апелира Здружението на јавните обвинители
Здружението на јавните обвинители апелира до сите политички партии и функционери да го почитуваат и да не го загрозуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од јавна реторика со која ја нарушуваат самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето.
Од таму велат дека во изминатите денови сведоци сме на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи ги јавнообвинителските одлуки без воопшто да бидат запознаени со конкретен предмет и доказите.
„Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот “Државна лотарија”. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат. Здружението на јавните обвинители е професионална организација, која нема овластувања да интервенира или да ги коментира одлуките на јавните обвинители при работата на конкретни предмети. Но, Здружението има право и обврска да ја заштити самостојноста на обвинителите кои стручно и одговорно ја вршат својата функција и да се бори за соодветни услови во кои тие ќе работат непречено“, се наведува во соопштението.

