Македонија
Марјан од „Доказ М“ очекува слобода; Адвокатот: Без разлика што пишувал, тука зборуваме дали има или нема кривична одговорност
Коста Нојков, адвокат на Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“, смета дека неговиот клиент ќе добие ослободителна пресуда. Адвокатот посочува дека се изведуваат докази, а Стаменковски смета дека не е виновен за низата кривични дела што му се ставаат на товар, вклучувајќи го и делото уцена.
„Поради ваше појаснување, бидејќи станува збор за скратена постапка, доказната постапка продолжи со испитување на оштетените, тоа значи дека обвинетиот не призна вина и смета дека не е виновен, дека овде се работи за вербален деликт, а не и за кривична одговорност. Се надеваме дека во текот на постапката тоа ќе го докажеме. Ќе се изведуваат докази, кои и што не можам да ви кажам. А пресудата ќе биде јавна. Нашите очекувања се дека на крајот ќе успееме да добиеме ослободителна пресуда бидејќи ова обвинение значи враќање на вербалниот деликт на мала врата. Без разлика на она што го пишувал Марјан или дали тоа некому му се допаѓа или не, тука разговараме за кривична одговорност, односно дали има или нема“, вели адвокатот Коста Нојков.
Адвокатот Нојков нема информација за вториот предмет што се води против Стаменковски.
„За тој предмет немам никаква информација што и како се работи. За тоа може само Јавното обвинителство да каже“, кажа адвокатот.
На денешното рочиште сведочеа двете новинарки од „Фокус“, Валентина Вурмо и Ирена Мулачка, кои беа таргет на текстовите на Стаменковски, а во кои се содржеа лични навреди, обвинувања, омаловажувања. Судењата се зад затворени вработи за да се заштитат жртвите.
Марјан Стаменковски од затворот во Шуто Оризари беше спроведен во Кривичниот суд, каде што му се суди за повеќе дела.
Скопското Обвинителство поднесе обвинение против Стаменковски за кривично дело уцена, но и за две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – злоупотреба на лични податоци.
„Така, во периодот од 10.1.2023 до 2.2.2023 година, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот стапил во контакт со оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Кога оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот им наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело уцена“, објаснија од Обвинителството.
Обвинителството бараше продолжување на притворот за да се заштитат жртвите.
„Со оглед на тоа што сè уште постојат основите поради кои претходно беше определен притворот, особено имајќи ги предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет-порталот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави и предлог за продолжување на притворската мерка“, додаде Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

