Македонија
МВР апелира: Граѓаните да бидат крајно внимателни со кого споделуваат лични податоци на интернет
МВР со апел до граѓаните да внимаваат и одговорно да постапуваат со своите лични податоци, да не ги споделуваат на непознати лица. Ова предупредување следува по сѐ почестите лажни игри на интернет, кои најавуваат награди.
Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи во изминатиот период констатира зголемена појава на пријави за лажни наградни игри на интернет преку користење на социјалните мрежи, особено преку социјалната мрежа „Фејсбук“, преку отворање лажни профили именувани по некоја позната компанија од земјата со долгогодишно постоење, со цел неовластено прибавување на лични податоци од граѓаните.
При отворањето на лажните профили се користат логото и брендот на компанијата, со објава дека поради одреден повод (наводен роденден на компанијата и слично), се организира наградна игра со разни подароци за среќните добитници, како, на пример, вредносни ваучери, мобилни телефони и други наводни награди. Притоа, од граѓаните, за да учествуваат во овие наградни игри, кои се лажни, се бара да извршат допаѓање (like) на страницата и на конкретната објава, во коментар да напишат „учествувам“, како и да извршат нејзино споделување, со цел што повеќе да се рашири лажната наградна игра. Потоа од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда, а за нејзино подигање потребно е да ги дадат своите лични податоци, да испратат фотографија од нивната лична карта (од двете страни), како и фотографија од имателот на личната карта.
Оттаму, Министерството за внатрешни работи во интерес на заштита на граѓаните, на нивните лични податоци и можните злоупотреби и последици што може да произлезат, апелира до јавноста за посебна внимателност при споделување лични податоци на други лица, особено преку интернет. Воедно, апелираме до граѓаните со особено внимание и одговорно да постапуваат со своите лични податоци, да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има
Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Дефокус не го полни фрижидерот, потребна е 600 евра минимална плата, велат од СДСМ
Со дефокус нема да ја тргнете темата за 600 евра минимална плата. Дефокус не го полни фрижидерот, истакнуваат од СДСМ.
„Со дефокус не можете да ја тргнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари. Повеќе не можете така да поминувате. На сите им е сè јасно. План за ребаланс на буџетот и кратење на луксузот ви дадовме. Прифатете го предлог-законот, откажете се од авионот, мебелот и луксузирањето. Дајте им на работниците тоа што го заслужуваат за пристоен живот.
Џабе ви се 40% од медиумите во сопственост на Орбан – гладен стомак не можете со пропаганда да го убедите дека е сит. Луѓето живеат тешко додека вие ги полните џебовите со тендери“.
Секојдневно ја задолжувате државата за вашите тендери, ги полните своите џебови додека луѓето едвај врзуваат крај со крај, реагираат од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашите црни кампањи, така наречени новинари како Латас, Ивона, Геро и „суперхероите“ како Бетмен не поминуваат повеќе. Вашите Алфа/Алта мрежи не можат да го запрат незадоволството кај народот.
Прифатете го законот заради работниците – доста беше од вашите игри.
Ќе дојде ден кога правосудството ќе биде слободно – сите ќе одговарате“.
Македонија
Поради одрон на патниот правец Катланово – Велес, сообраќајот се одвива по една коловозна лента
Од 08:40 часот поради одрон на патниот правец А1 Катланово – Велес, на 2,5км после Б.П. Детоил сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 20 – 25 метри, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево

