Македонија
МВР: Мало невнимание може да предизвика пожар со тешки последици
По настапувањето на последните, значително повисоки температури, и најавите дека во наредните денови тие уште повеќе ќе се зголемат, во голема мера се зголемија и потенцијалните опасности за избувнување пожари, особено поради фактот дека има забележителна раздвиженост на нивите, но и во шумите, предупредуваат од МВР.
Затоа, Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат внимателни ако се движат или работат во поле и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња.
Покрај ова, на оние што ќе престојуваат на излетничките места им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои бргу може да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од несогледливи размери. Исто така, на отворен простор да не се оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце може да причинат пожар.
Доколку не се придржуваат на овие апели и препораки, граѓаните ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со пријави и можни затворски казни од 6 месеци до 8 години во зависност од видот на пожарот и другите околности и последици, се вели во информацијата од Министерството.
„Министерството за внатрешни работи овој месец засилено презема координирани превентивни и други мерки со советодавните групи на граѓани, месните и урбаните заедници навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а во координација со други институции и служби ќе бидат засилени и планираните контролни активности“, додаваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата нама да купува нов авион: ќе се повлечеме од набавката и ќе се молиме да останеме живи, вели Мицкоски
Владата се откажа од набавка на нов авион на што се одлучи оти стариот е дотрајан и претставува голем трошок за одржување. Премиерот Христијан Мицкоски денес кажа дека ќе се повлечат од набавката откога увиделе дека опозицијата не се стои на зборот дека нема да ја напѓаат Владата за набавка на нов авион, на што се согласил лидерот Венко Филипче и на формалните и на неформалните средби.
„ Авионот е сѐ уште во возна состојба, можете да поразговарате и со лицата кои го управуваат. Токму тие иницираа да се обидеме да обезбедиме средства за да набавиме нов воздухоплов. Гледам дека од опозицијата се создава оваа тема иако на една од оние лидерски средби, формални и неформални што сум ги имал со претседателот на СДСМ тој беше многу јасен и рече дека ‘за ова не треба да се критикува Владата’ и дека тие нема да ја критикуваат Владата бидејќи утре ќе биде друга Влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Гледам дека не си стојат на зборот и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е вишок и дека е беспредметна“, рече премиерот Мицкоски.
Тој објасни дена не трипати, туку четирипати го користел владиниот авион и секогаш службено патувал наспроти обвинувањата од опозициата дека и на одмор на Јадранско море заминал со него. Кажа и дека секогаш патува сам, со некој од обезбедувањето откога утрово СДСМ праша со кого бил во авионот.
„Еднаш на покана на унгарскиот премиер, господинит Виктор Орбан, имав билатерална средба во Будимпешта. Натаму патував со комерцијален лет до Виена поради тоа што еден од екипажот кој управува со воздухоловот имаше приватни обврски и не беше во состојба да ме однесе до дестинацијата. За назад дојдоа по мене, ме зедоа бидејќи имав итни, неодложни состаноци во Скопје. Тоа беше билатерална средба, а билатералната средба и мојот престој таму го искористив и да настапам на настан. Вториот пат бев исто така на покана на нашата сестринска партија и настан кој тие го организираа во Белград, тогаш отидов и се вратив, тоа не е споменато во јавноста, сакам и ова да се забележи. Патувам сам и дел од луѓето кои се мое обезбедување. Третиотпат бев до Хрватска со комерцијален лет на Кроација ерлајнс до Сплит, на покана на хрватскиот претседател, господинот Зоран Милановиќ. Имав работна вечера и мојот годишен одмор кој што требаше да трае три дена го продолжив за еден ден, да трае четири дена. Бидејќи го испуштив авионот повратно со комерцијален лет да се вратам во Скопје, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде, ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје. Четвртиотпат бев сега, заедно со шефот на мојот кабинет и со мојот советник за надворешни рбаоти, амбасадорот Марковски до Тирана во еден павец и од Тирана до Скопје во втор правец и еве веднаш сега ви најавувам дека на почеток на јуни најверојатно ќе го користам владиниот воздухоплов до Подгорица, во истито ден да се вратам назад бидејќи не би сакал да останам повеќе од еден ден поради неодложните обврски кои ги имам во Владата“, во детали објасни премиерот Мицкоски.
Изминатиов период опозицијата во многу наврати ѝ забележа на Владата дека троши пари за авион место за зголемување на платите, за училипта и болници.
Македонија
Алкалоид на форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“: Патот кон европските пазари го изградивме сами, чекор по чекор, со квалитет, стандарди и визија насочена надвор од границите
Бизнис-клубот „Европа“, како советодавно тело на Стопанската комора на Македонија, во Виница го организираше форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“. На панелот насловен „Единствениот пазар на ЕУ: колку е подготвена македонската економија?“ учествуваше и генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Посочувајќи ја фармацијата како една од најрегулираните индустрии во светот, во која успехот се темели на доверба, квалитет и строга усогласеност со меѓународните стандарди, Мукаетов истакна дека „Алкалоид“ расте и се развива во таква комплексна средина, останувајќи доследен на своето мото Здравјето пред сè. Од 53 милиони евра продажби во 2005 година, денес компанијата достигнува 339 милиони евра консолидирани продажби, од кои 220 милиони евра се извоз. Со повеќе од 3000 вработени и со присуство на повеќе од 50 пазари, преку своите 27 подружници низ светот „Алкалоид“ прерасна во значаен регионален фармацевтски производител.
Клучна пресвртница во деветдеценискиот развој на компанијата беше визијата од 1994 година за изградба на современи производствени капацитети и за воведување високи стандарди на корпоративно управување. Влезот на пазарот на ЕУ во 2007 година со GMP-верификација и со првата дозвола за лек го отвори патот до повеќе од 1000 одобренија за производи во Унијата.

„Иако како компанија од земја надвор од ЕУ се соочуваме со подолги регулаторни процедури и ограничен пристап до финансиска поддршка, континуирано инвестираме во технологија, знаење и квалитет. Нашиот раст е резултат на стратегијата, истрајноста и визијата насочена надвор од границите. Тој пат не беше однапред трасиран, туку го изградивме сами, чекор по чекор, со посветеност, дисциплина и доследна примена на највисоките стандарди во работењето“, истакна Мукаетов во своето обраќање.
На панелот учествуваа и Глигор Цветанов од „Макпрогрес“ Виница, кој е претседател на Бизнис-клубот „Европа“; Мариa Канелопулу, прв советник и раководител на Секторот за економски прашања, градење институции и за прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ, и Драган Тилев, државен советник за европски прашања.

Бизнис-клубот „Европа“ е формиран на иницијатива на претседателот на Комората, Бранко Азески, како платформа за дијалог меѓу бизнис-заедницата, академијата, носителите на евроинтегративните процеси и европските дипломатски претставници. Во фокусот се прашањата поврзани со ЕУ, интеграцијата на македонската економија во европските текови и со креирањето политики спрема ЕУ од бизнис-перспектива.
ПР
Македонија
Министерството за односи меѓу заедниците организираше настан по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик : разменети мислења за унапредување и надминување на предизвиците
По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Министерството за односи меѓу заедниците, во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците, денеска организираше пригоден настан посветен на унапредувањето и афирмацијата на јазичната разновидност.
Во рамки на одбележувањето беа доделени благодарници на две институции, и тоа – Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Националната установа „Музеј на албанската азбука“, како и на наставниците Марија Николова, Аџер Иметоска, Изета Бабачиќ, Аида Зуковиќ, Дарија Ковачевиќ-Божиновска, Арабела Иљаз и Жаклина Милинковиќ, претставници на етничките заедници кои наставата ја реализираат на мајчин јазик, како признание за нивниот придонес во негувањето, зачувувањето и развојот на јазичниот и културниот идентитет на заедниците.
На настанот се обратија потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, како и директорите на двете управи во рамки на МОЗ, Мирослав Тричковиќ и Исмаил Демировиќ, а се отвори и конструктивна дискусија за состојбите во образованието на јазиците на заедниците, при што се разговараше за тековните планови и активности, како и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат заедниците во обезбедувањето квалитетна настава на мајчин јазик, особено кога станува збор за учебниците на јазиците на етничките заедници. Присутните разменија мислења и предлози со цел унапредување на институционалната поддршка и надминување на предизвиците.
„Разбирањето меѓу нас и разбирањето на другите, како и заемната соработка е темел и само така можеме да постигнеме резултати и да изнајдеме решение за сите проблеми“, истакна потпретседателот и министер Стоилковиќ, испраќајќи порака до авторите на учебници на јазиците на етничките заедници да не се обесхрабруваат и да ја продолжат својата мисија за доброто на идните генерации.
Настанот е дел од заложбите за континуирана поддршка на политиките што ја промовираат еднаквоста, недискриминацијата и почитувањето на правото на образование на мајчин јазик.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, воспоставен од Обединетите нации и УНЕСКО во 1999 година, има за цел промоција и заштита на јазичната разновидност и поттикнување на образованието на мајчин јазик како значаен предуслов за зачувување на културниот идентитет и унапредување на меѓусебното почитување и соживот.

