Македонија
МВР: Не е спорно ако сопственикот на „Дурмо турс“ вршел технички преглед преку друга своја фирма
За Министерството за внатрешни работи законски нема ништо спорно во тоа што сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, во исто време е сопственик на станица за технички преглед која ја испитувала исправноста на автобусите. Според МВР, спорно би било доколку станицата за технички преглед врши проверка на сопствените возила, односно ако тие се од иста фирма.
Ваквите одредби оставаат можност две различни фирми, но со ист сопственик, да можат да поседуваат возила преку едната фирма, а да им вршат технички преглед на истите преку друга фирма.
„Согласно одредбите од Законот за возила, правното лице ‘АМЗ Гостивар’ не може да врши технички преглед на сопствените возила, но може да врши технички преглед на возила сопстевност на друго правно лице“, велат од МВР за „Макфакс“.
Во случајов, возилата се регистрирани како сопственост на туристичката агенција „Дурмо турс“, а фирмата „АМЗ Гостивар“, со ист газда, е задолжена за нивниот технички преглед.

Од МВР велат дека вршеле контрола врз станицата за технички преглед „АМЗ Гостивар“, а последниот бил во август минатата година. Тие не прецизираат дали утврдиле прекршување на законот при извршениот увид.
„Станицата за технички преглед на возила ‘АМЗ Гостивар’ – Гостивар е посебен правен субјект што е овластен да врши технички преглед на возила и согласно добиеното овластување, имајќи ги предвид одредбите од законот, за секој извршен преглед на возило издава потврда за техничка исправност на возило“, додаваат од МВР.
Согласно одредбите утврдени во член 81 од Законот за возила, МВР е надлежно да врши надзор и контрола над исполнетоста на условите за работа и над работата на станиците за технички преглед на возила.
„Во нашиот закон не е обработено дали еден газда може да има станица за технички преглед и истовремено да биде превозник. Кај нас во законот стои дека ние при контролите треба да утврдиме дали возилото е регистрирано и дали е извршен технички преглед. При контролите утврдивме дека ‘Дурмо турс’ има такви документи. Станиците за технички преглед се обврска на Министерството за внатрешни работи“, рече тој.
Во меѓувреме, сè уште трае истрагата за причините за катастрофалната автобуска несреќа на автопатот Скопје – Тетово, каде што животот го загубија 14 лица. Засега се знае дека шоферот не бил под дејство на дрога или алкохол, а ќе се испитува дали тој евентуално зборувал на мобилен телефон додека возел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

