Македонија
Мевлут Чавушоглу во официјална посета на Република Северна Македонија

Mинистерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денеска и утре престојува во официјална посета на земјава по покана од својот македонски колега Никола Димитров.
На средбата се очекува да бидат разменети мислења за севкупните билатерални односи помеѓу двете традиционално пријателски земји, како и за можностите за зајакнување на соработката во сите области од заемен интерес.
За време на посетата во просториите на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, од страна на министрите Димитров и Чавушоглу ќе биде официјално пуштена во употреба техничката опрема за дигитализација на дипломатскиот архив на Министерството. Проектот е поддржан од Министерството за надворешни работи на Република Турција, а финансиран од страна на турската агенција за соработка и координација – ТИКА.
Се предвидува министерот Чавушоглу да се сретне и со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.