Македонија
Место две, ќе работи по една операциона сала, но во две смени за да се оперираат и итни и пациенти со закажани операции со еден сад за воздух
По хаваријата во системот за снабдување со кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, заменик-министерката за здравство, Маја Манолева, извести дека привремено решение е најдено со нови надворешни компресори, кои најдоцна до денес треба да бидат распоредени до сите што имаат потреба. Утрово, се сретнала со директорите на клиниките и договориле, освен работа во две смени, за што добиле наредба вчера, да се реорганизира работата во операционите сали, кои имаат проблем со доставувањето воздух.
„Со наредбата што ја добија вчера хируршките клиники беа задолжени да организираат работа во две смени со цел да се продолжи периодот на интервенции во една сала затоа што имаме ограничен број надворешни компресори, кои може да ги користат операционите сали. Беше договорено, операционите сали, на пример, место да работат две, да работи само една, но во две смени, со што практично би го добивале речиси доволниот капацитет на хируршките сали“, рече Манолева.
Бидејќи нема доволен број надворешни компресори, ги задолжила директорите на клиниките во итна постапка секој да набави по два-три, кои би се користеле до целосно надминување на проблемот во централната компресорска станица. Манолева смета дека е потребна целосно нова компресорска станица на нова локација оти сегашната е стара три децении и потребна е целосна замена на системот за што ја задолжила Службата за заеднички работи, во чија надлежност е станицата.
Додека не почнат салите да работат со полн капацитет, Манолева вели дека персоналот им стои на располагање на Градската општа болница „8 Септември“ и на хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, кои ги презедоа пациентите на кои им се потребни операции.
„Имаат отворена понуда за персонал подготвен да помогне“, вели Манолева.
Ги задолжила директорите на неделно ниво да доставуваат извештаи за побаран и обезбеден персонал за „8 Септември“ и „Св. Наум Охридски“, а побарала и извештаи на дневно ниво за сите сработени итни и елективни интервенции, кои се направени на секоја од клиниките посебно оти од петокот наваму веќе се прават операции и во хируршките клиники.
Резултати од анализите на примероци од гасот, кои се испратени во Германија, сѐ уште нема. Манолева очекува првични резултати да стигнат порано, но за конечните ќе треба да се почека.
Целиот случај е пријавен во Обвинителството, од кое Манолева очекува да утврди чија е вината и чија одговорност е хаваријата со системот за воздух во клиничкиот центар.
На средината на минатиот месец се појави миризба во дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух поради што беа затворени хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за кои сега Манолева вели дека делумно функционираат со надворешни компресори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

