Македонија
Мехмеди: Вчера немаше конгрес на Алијансата за Албанците, ниту редовен ниту вонреден, туку обичен спектакл ала Тараварче
Вчера го видовте обидот за манипулација во името на Алијансата за Албанците, од страна на главниот манипулатор Арбен Таравари. Вчера уште еднаш се појави грдотијата со сите атрибути што ги има една грдотија, вели Ремзи Мехмеди, потпретседател на Алијанса за Албанците.
„Лажгото повторно пушти поплава од лаги во својата мисија на сервилна служба во служба на кујните кои на Албанците ниту во минатото ниту денес не им посакале и не им посакуваат добро. Извршителот на наредбата на Христијан Мицкоски јавно објавен во медиумите, три недели пред бегалецот да побегне и да ја расцепи Алијансата за Албанците обвинува за расцеп.
Вчера немаше конгрес на Алијансата за Албанците, ниту редовен, ниту вонреден, туку обичен спектакл ала Тараварче, срамна фарса со цел да се манипулира со јавноста. Правата, обврските и правилата на однесување во рамките на Алијансата за Албанците се запишани во Статутот на Алијансата за Албанците. За да може вчерашната партија да се нарече конгрес, учесниците требаше да имаат конгресни делегати избрани на редовниот конгрес на АА во 2022 година и кои се регистрирани во Основниот суд Тетово, чиј мандат според статут трае четири години, односно до 2026 година“, истакнува Мехмеди.
Вчера, како што додава тој, немаше партиски делегати, но имаше луѓе, дури и од други партии, од кои голем дел се бореа со дух и буква против Алијансата за Албанците.
„Никогаш не биле нејзини членови и нема да бидат, беа стрелачки одреди кои заедно со Арбен Таравари го правеа последниот обид за егзекуција на Алијансата за Албанците. Секако дека нема да успеат. За повеќе, член 25 од важечкиот статут го одредува начинот на кој се избираат делегатите на конгресот. Во отсуство на делегати нема конгрес, во отсуство на делегати нема легитимни или законски одлуки, затоа вчерашната фарса останува фарса и ништо повеќе.
Со оглед на тоа што нема правосилна судска одлука, конгресот се одржува со мнозинство од пријавените делегати во судот од последниот официјален и легитимен конгрес. Само ние го имавме ова мнозинство на четвртиот конгрес каде за претседател беше избран Зиадин Села. Во меѓувреме, вчера самиот Таравари призна дека одржал обид за конгрес“, додава Мехмеди.
Апелира да не се злоупотребува името на Алијансата за Албанците, бидејќи како што вели, Алијансата за Албанците има легитимен председател, господинот Села, има легитимни органи, претседателство и легитимно централно собрание.
„Го повикуваме Судот да го земе предвид тоа што го кажав погоре, важечките закони и статутот, документите и правилната листа на делегати и да не стане жртва на манипулациите и измамите кои се прават преку ваквите спектакли.
Тие што се собраа вчера, од Таравари до останатите членови кои импровизираа дека нешто се избрани, не се легитимни и се разрешени од претходниот Конгрес. Може да свикаат конгрес за формирање нов политички субјект или да станат огранок на Мицкоски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ прашува кој дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони
„Кој во власта дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони, нелегално? Поминаа 15 дена и сè уште нема одговор за најголемиот нарко-скандал во регионот – како 5 тони дрога поминале преку македонската граница и кој ќе одговара“, велат од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека, како што наведуваат, „сите молчат“ и ги прозиваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и функционерите Александар Николовски, Јохан Тарчуловски и Бојан Томовски.
Според СДСМ, соочени со, како што тврдат, сопствената одговорност, претставниците на власта започнале медиумска кампања и лицитирале со наводно запленети 100 тони марихуана, за која велат дека била нелегално произведена.
„Но, така заглавија уште подлабоко. Ако некој успеал нелегално да произведе 100 тони марихуана, тоа е уште една потврда дека вината е целосно кај Владата и институциите кои тоа го дозволиле, не го контролирале и не го спречиле“, наведуваат од партијата.
Оттаму додаваат дека за производство на 100 тони марихуана е потребна површина од над 30 хектари, што, според нив, е еднакво на повеќе од 40 фудбалски стадиони, и прашуваат кој дозволил толкава површина да се одгледува во државата и зошто не била направена ниту една теренска контрола.
СДСМ прашува и како безбедносните служби не забележале толкава количина дрога да се транспортира, складира и пакува, како и што правеле АНБ и АР. Во соопштението се поставува и прашањето како 5 тони дрога поминале преку граница, покрај системот „Сејф сити“, скенери, контроли, полиција и царина.
„Нема одговор на овие прашања затоа што одговорноста за нарко-скандалот е во врвот на власта. СДСМ нема да дозволи овој нарко-скандал да се заташка. Нема бегање од одговорноста. Сите ќе одговарате“, се наведува во соопштението.
Македонија
Средношколките во Охрид ќе се едуцираат како да се заштитат од сајбер напади
Камп за сајбер безбедност за средношколки се одржува во Охрид, како дел од проектот CybHER – Зајакнување на жените и девојките во сајбер безбедноста, кој го спроведува Британскиот совет во државите од Западен Балкан, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.
Пред учесниците на кампот денеска ќе се обрати државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.

