Македонија
Меџити: Вистинскиот ветинг за ДУИ ќе се случи на локалните избори

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, ја обвини Демократската унија за интеграција дека се шегува со народот и со своите членови со најавениот ветинг, бидејќи според него, ваков процес не може да се спроведе внатре во партијата, како што најавува ДУИ, туку треба да се спроведе од независни државни институции.
Меџити вели дека вистинскиот ветинг за ДУИ ќе се случи на локалните избори.
„Ветингот го направи македонскиот народ на претходните избори, но вистинскиот ветинг ќе го почувствуваат на локалните избори. Ветинг не се прави на себе, ветинг прават другите, независните институции. Значи, тие играат со народот, се шегуваат со членовите, прават филмови“, вели Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова од Севиља: Потребно е фер финансирање за да се справиме со глобалните предизвици

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот, којашто под покровителство на ОН се одржува во Севиља.
Во своето обраќање, таа ја истакна важноста на мултилатерализмот и заедничките глобални напори за справување со сиромаштијата, климатските промени, нееднаквоста и социјалната неправда.
Сиљановска-Давкова предупреди дека постојат сериозни геополитички и економски ризици коишто ги поткопуваат досегашните достигнувања, изрaзувајќи верба во можноста од подобар и поодржлив свет.
Според неа, пристапот до праведно финансирање е клучен услов за успех и за доверливи партнерства. Во новиот Пакт за иднината, претседателката препознава обновен глобален општествен договор. Таа укажа на потребата од споделена одговорност на сите засегнати страни.
Потенцирајќи дека речиси две третини од Целите за одржлив развој се поврзани со реформите на Европската Унија, претседателката информираше дека нашата Национална стратегија за развој 2024-2044 е усогласена со најновата Рамка за соработка за одржлив развој на ООН.
Сиљановска-Давкова им се заблагодари на ОН, ЕУ и развојните агенции од повеќе земји, како и на меѓународните финансиски институции – ЕБОР, Светска банка, ЕИБ и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан за суштинската поддршка преку проектите во областите на зелената транзиција, здравството, образованието и инфраструктурата.
Македонија
Достапни се лековите за третман на онколошки заболувања, сите пациенти ја добиваат потребната терапија, вели директорот

Од Клиниката за радиотерапија и онкологија информираат дека сите пациенти ја добиваат потребната терапија и дека се достапни лековите за третман на онколошки заболувања.
-Лекот Paclitaxel е навреме нарачан од Клиниката, но заради застој во дистрибуцијата, најавено ни е дека овие денови ќе биде дистрибуиран на клиниката. За Paclitaxel има замена од истата група на лекови со идентична ефикасност и тоа е docatexel-от. Исто така, лекот Еrlotinib, се заменува кај пациентите со Gefitinib кој има идентична ефикасност. Тендерите се навреме спроведени, очекуваме овие лекови да пристигнат во првата недела од јули. Во меѓувреме уверувам дека за сите терапии има квалитетна замена и континуитетот во лекувањето е целосно обезбеден, информира Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија.
Годинава, според надлежните, е двојно зголемен условниот буџет на Клиниката за радиотерапија и онкологија за иновативни лекови.
Македонија
Божиновска – Ру: во фокусот зајакнување на енергетската соработка

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Шарлот Ру, извршен директор за Централна и Југоисточна Европа во Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
На средбата се дискутираше за тековните енергетски проекти во Македонија, при што беше посебно нагласена важноста на развојот на ветерниот парк Богданци 2 и напредокот на интерконекторот со Грција, кои ќе придонесат кон зајакнување на енергетската стабилност и интеграцијата во регионалниот пазар. Од страна на ЕБРД, беше изразен посебен интерес за искористување на хидроенергетскиот потенцијал, со фокус на можностите што ги нуди хидроцентралата Козјак.
Покрај тоа, на средбата беше разгледан тековниот процес на изработка на Грид мастер планот, кој е клучен за стабилноста на електроенергетската мрежа и за овозможување поголем удел на енергија од обновливи извори. Се разговараше и за модернизацијата на системот за контрола и мониторинг (СКАДА), како и зајакнувањето на сајбер безбедноста на мрежата. Исто така, беше потенцирана важноста на развојот на батериски системи за складирање енергија од страна на ЕСМ, како и инсталацијата на дополнителни капацитети за зајакнување на мрежата.
Министерството и ЕБРД дискутираа и за мерките за енергетска ефикасност и потенцијалните инвестиции што банката може да ги поддржи во рамките на националната енергетска стратегија.
Министерството ја потврди својата силна посветеност кон партнерството со ЕБРД, која ја смета за клучен стратешки сојузник во процесот на енергетска транзиција и одржлив развој. Двете страни се согласија дека продолжувањето на успешната соработка ќе биде од суштинско значење за унапредување на енергетската инфраструктура и зајакнување на енергетската безбедност на земјата.
ЕБРД е посветена на поддршка на Македонија во нејзиниот енергетски развој и нашето партнерство ја покажува нашата заедничка цел, зголемување на енергетската сигурност и зелена економија во регионот.“ потенцираше Ру.
Средбата ја потврди заложбата за интензивирање на дијалогот и развојот на нови проекти што ќе придонесат кон зелениот преод и економскиот раст на Република Македонија.