Македонија
Меџити: ДУИ забега, формално лидер е Ахмети, но песните ги пушта Артан
Свесен дека ќе ја плати цената за излегувањето од ДУИ и формирањето на новото политичко движење во албанскиот политички кампус, предводникот на „огнените“, Изет Меџити, во интервју за „Макфакс“ вели дека не можел да предвиди дека ДУИ може толку да забега.
„Другите се плашат и затоа посегнуваат по вакви мерки“, вели Меџити алудирајќи на ДУИ и на апсењата на Исмет Гури, како и на разрешувањето на сите оние што се одлучиле да ја напуштат партијата од позициите.
Свесен или не, како што вели, Ахмети ја плаќа цената од Груби и, според Меџити, неочекувано и разочарувачки е човек со долгогодишно искуство како Ахмети да заврши по паметот на Груби.
„Ахмети повеќе не е оној стариот. Не ја менаџира ситуацијата. Ниту по изразот ниту по вокабуларот не е ист. Тоа покажува нервоза, дека е исплашен и дека веќе не е комотен“, оценува Меџити.
На прашањето дали има шанса Артан Груби да седне на лидерската позиција наместо Ахмети во ДУИ, Меџити вели дека „и досега Груби де факто е лидер во ДУИ“.
„Ахмети му има препуштено сѐ. И власт и кадровска политика, само формално лидер е Ахмети. Песните ги пушта Артан наместо Ахмети.
Жално е тоа што го прави, за мене – не е чудно оти класен другар ми е, го познавам добро. Наместо да се занимава со тоа што му е задача, се занимава со други работи. Во сите овие 3-4 години не видовме ништо, освен овие концертите што ги организира како да води уметничко естрадно друштво. Тој и добро кога прави, лошо звучи и лошо изгледа“, вели Меџити.
Коруптивните скандали во ДУИ, според Меџити, покажуваат која е цврстата врска меѓу Ахмети и Груби и зошто Ахмети, како што вели, „по секоја цена, дури и по цена да се растури ДУИ, го држи Груби“.
Меџити појаснува дека е избран чуден тајминг во однос на апсењето на Исмет Гури и овој чин го смета како обид за пристисок и заплашување на луѓето што сакаат да заминат од ДУИ, а додава дека такви има многу и сите тие сакаат да му се приклучат на новото движење на Меџити.
„Некои за атер кон Али, други се плашат, трети тактизираат уште некое време. Но, со големо убедување кажувам дека над 90 % од тие што го носат товарот на ДУИ, размислуваат како нас“.
Потенцира дека целта со новото политичко движење, кое, според плановите, треба да го одржи својот прв конгрес во септемрви, е зајакнување на опозицискиот фронт и созадавање конкуренција.
„Тоа ќе донесе конкуренција, а не како досега кога позицијата без опозиција оди на спиење и забегува на други работи“, вели Меџити.
За уставните измени, парламентарното мнозинство, можноста од идни посилни притисоци, создавање идни коалиции и слично во интервју за „Макфакс“ со Изет Меџити, иницијаторот на новото албанско политичко движење и предводникот на „огнените“.
.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

