Македонија
Меџити: Инвестиции во инфраструктурата како основа за одржлив развој во Гостивар
Заменик-претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, одржа средба со градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, на која беа разгледани клучните проекти за развој на инфраструктурата во општината.
Меџити истакна дека развојот на инфраструктурата е клучен за подобрување на животниот стандард и креирање на одржливи општества. „Проектите кои ги реализираме во Гостивар, како и во другите општини, не се краткорочни решенија, туку долгорочни стратегии за подобрување на животниот квалитет,“ изјави Меџити.
Еден од клучните проекти е изградбата на фекален колектор и канализација за Урбан блок 21 во Гостивар, за кој се обезбедени повеќе од 87 милиони денари во 2024 година. По потреба за пресекување на канализациона линија со железничка пруга и пат, обезбедени се дополнителни 35 милиони денари за завршување на проектот.
Општина Гостивар е вклучена и во проектите финансирани од Европската инвестициска банка. Во 2025 година ќе започне изградбата на резервоар за с. Чегране и нова водоводна линија, како и проект за селекција на отпад и набавка на камиони за транспорт на отпад. „Со овој проект ќе се набават 3.300 канти од 120 литри и 210 контејнери, како и 11 камиони за транспорт на отпад,“ изјави Меџити.
Во рамките на програмата за капитални дотации, за 2024 година општината ќе добие над 161 милиони денари за реконструкција на улици и подобрување на патната инфраструктура, вклучувајќи важни проекти како:
· Реконструкција на Булеварот Браќа Ѓиновски од влезна Гостивар до зграда на судот со 64 милиони денари
· Изградба на шеталиште на ул. Борче Јовановски со 23 милиони денари
· Реконструкција на главна улица во село Здуње со 10 милиони денари
· Реконструкција на улица 13 со 4 милиони денари
· Реконструкција на улица од гимназија до село Долна Бањица со 22 милиони денари
· Реконструкција на улица во село Балин Дол со 3 милиони денари
· Реконструкција на дел од улица Борче Јованоски од ФЗО до Кеј Вардар со 3 милиони денари
· Реконструкција на дел од ул. Никола Тесла од зграда на Судот до Медицинското училиште со 3 милиони денари
· Реконструкција на дел од ул. Мара Угринова од Автобуската станица до ул. Беличица со 4 милиони денари
· Реконструкција на ул. Мара Угринова околу Автобуската станица со 5 милиони денари
· Реконструкција на дел од ул. Мара Угринова паралелно со железничка пруга со 5 милиони денари
· Реконструкција на дел од ул. Младен Симоноски до ул. Панче Попоски со 6 милиони денари
· Реконструкција на дел од ул. Никола Тесла од Гимназија до населба Дутлок со 7 милиони денари.
„Со овие инвестиции во Гостивар и во сите општини низ земјата, поставуваме темели за одржлив развој кој ќе донесе користи за идните генерации,“ додаде Меџити. Исто така, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, ја изрази својата чест и задоволство што го пречека првиот заменик-премиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, за да дискутираат за тековните и идните проекти што ќе се реализираат со поддршка на Владата во 2025 година.
„Верувам дека оваа соработка ќе биде многу плодна како за Општина Гостивар, така и за граѓаните. Со овие инфраструктурни проекти што ги спомена заменик-премиерот, животот на граѓаните во Гостивар значително ќе се промени, нудејќи повисок квалитет,“ изјави Валбон Лимани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

