Македонија
МЗШВ: Почнуваме нов проект, решаваме децениски проблем на земјоделски семејства од пелагонискиот регион
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, беше во работна посета на Битола и оствари средба со земјоделци од пелагонискиот регион.
На средбата Николовски го најави почетокот на новиот проект со кој ќе решиме децениски проблем за 2000 земјоделски семејства од пелагонискиот регион.
Дваесет години наназад, земјоделците не беа во можност да ги користат нивните парцели вратени со денационализација, бидејќи се заглавени во средина, помеѓу парцелите кои се дадени на долгогодишен закуп на ЗК Пелагонија.
Со вакавата поставеност на парцелите, тие имаа отежнат или никаков пристап до површините и немаа услови за непречено да ги обработуваат и да остваруваат профит од земјоделско производство, велат од министерството.
„Денеска можам да најавам дека на иницијатива на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, обезбедена е донација од меѓународна институција и веќе од април, стартуваме со проект кој ќе овозможи разрешување на статусот на сопственост на 2000 сопственици на земјоделско земјиште, со вкупна површина од 1300 хектари во 52 населани места во Пелагонискиот регион. Проблемот ќе биде решаван со примена на постапки за консолидација на земјоделско земјиште, на начин што ќе се определи земјоделско земјиште во државна сопственост со иста вредност и квалитет како и земјоделското земјиште во приватна сопственост кое било вратено со денационализација и со парцелизирање на тоа државно земјиште на толку делови колку што има засегнати сопственици во тој регион. Во согласност со сите сопственици, наместо земјиштето кое е вратено со денационализација ќе се додели во сопственост ново земјиште со иста вредност и квалитет, со правилна форма и со овозможен пристап за обработка, бидејќи сегашните парцели ќе бидат извадени надвор од средишните блокови на ЗК Пелагонија. Новото земјиште ќе биде запишано со право на сопственост во катастар, сите ќе добијат нов имотен лист“ изјави Николовски.
Според него, на овој начин, нивните парцели не само што ќе бидат ослободени од средишните делови на ЗК Пелагонија, туку ќе станат функционални. Ќе можат да ги обработуваат и да аплицираат за финансиска поддршка по разни мерки од Програмите на министерството.
„Министерстсвото веќе има позитивно искуство од процесот на консолидација и тоа токму со акцент на Пелагонискиот регион, кој е најсилно поддржан во активностите за консолидација на земјоделското земјиште и тоа во Егри, Логоварди, Оптичари, Трн и Дабјани. Овие консолидациони подрачја, опфаќаат околу 2000 хектари земјоделско земјиште во сопственост на околу 1000 земјоделци, чии парцели сега имаат правилна форма, пристапни патишта до површините и канали за наводнување. За ова бевме пофалени од Европската комисија дека сме земја лидер во регионот по реализација на консолидационен процес“ потенцираше Николовски.
Нагласи дека консолидацијата е процес кој носи огромни придобивки за сите и затоа како министерство горди сме на тоа што земјоделците од пелагонискиот регион искажаа огромна доверба и активно учествуваваа во процесот на консолидација.
Министерството ќе продолжи да работи за што поскоро да ги ослободиме новите парцели, а земјоделците потоа да ја обработуваат земјата, да остваруваат профит и да придонесуваат кон домашната економија и кон раст на земјоделското производство на домашна македонска храна, велат од ресорното министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

