Македонија
Мизрахи посети семејства што згрижуваат деца со посебни потреби во Крушево

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи во Крушево ги посети семејството Теља и семејството Христовски, кои се семејства што згрижуваат деца и лица со посебни потреби.
На средбата со семејствата министерката се запозна со сите предизвици и проблеми со кои се соочуваат овие семејства грижејќи се за лицата кои имаат потреба од поголемо внимание, грижа и љубов. Семејствата ја информираа дека децата се големо богатство за нив и дека тие се грижат како вистински родители на овие деца, а особено за нивното здравје, воспитување, образование и оспособување за самостоен живот и работа.
Семејството Теља е семејство кое се грижи за 2 лица, мало дете од 8 години и лице од 40 години со посебни потреби, додека семејството Христовски се грижи за деца од 18 и 12 години.
„Навистина сум среќна кога ќе видам и запознам хумани луѓе кои својата несебична љубов им ја пренесуваат на децата, посебно на деца кои имаат поголема потреба од љубов и грижа. Тие прават големи дела и сум убедена дека овие деца ја добиваат вистинската нега и љубов што им е потребна“ изјави Мизрахи.
Таа најави дека Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи и во иднина во рамките на своите законски надлежности да презема активности за подобрување на положбата на овие деца и да го подигне нивото на заштита на начин што овие деца и лица се ставаат под старателство, се сместуваат во мали групни домови, семејства што згрижуваат или се определува друг облик на заштита, во зависност од возраста на лицата, неговите потреби и интереси и можностите на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.