Македонија
Микиќ: Рано да се каже дали почината велешанка била навистина инфицирана со Ковид-19
Случајот со починатите мајка и син во Велес и посмртно дијагностицираниот коронавирус кај мајката, епидемиологот од Институтот за јавно здравје Владимир Микиќ го нарече контроверзен.
Тој објасни дека случајот се уште се расчистува и дека е рано да се каже дали таа била навистина инфицирана.
„Во однос на точното време на смртта се уште на Институтот за судска медицина се работи на периодот кога може да настанала смртта така да не знаеме дали е три месеци или помалку. Не би шпекулирал со точен период кога е настаната смртта. Второ што е многу важно да се каже е дека со тестот се детектира генетски материјал. Не мора да значи дека тестот укажува дека постои жив вирус, едноставно е најдена нуклеинска киселина која што одговара на вирусот. Се уште е рано да се утврди со стопроцентна сигурност дали таа жена била навистина инфицирана или не, кога настанала смртта и кои се можните начини воопшто да дошол вирусот кај нејзе“, рече епидемиологот Микиќ.
Министертот за здравство Венко Филипче најави дека многу скоро ќе се знае кога точно настапила смртта кај велешанката.
„Тие податоци ќе ни бидат многу битни во однос на тоа што ќе следи, а тоа е како ќе ја анализираме состојбата со антитела, таканаречен скрининг на серолошкиот статус на населението генерално, кое што нема сега да почне туку малку понатаму заради тоа што се уште сме во фаза кога откриваме активни болни. Тие може да го пренесат вирусот и заради тоа сметаме дека е добра стратегијата на Комисијата за инфективни болести да се тестираат само пациенти кои имаат симптоми и сите нивни примарни контакти да бидат во своевидна изолација“, рече министерот Филипче.
Поради укажувањата за асимптоматски пациенти Филипче смета дека се оправдани се рестриктивните мерки.
„Тие поминуваат со многу лесни па дури и со никакви симптоми и се активни преносители на вирусот и во даден момент тие ќе создадат антитела. Ние со рестриктивните мерки за движење успеваме како држава да влијаеме на овој вид раширување на вирусот“, објасни министерот.
Анализите на заболените од грип кои се сомневаат дека прележале коноравирус министертот рече дека очекува да бидат готови до крајот на годината кога би требало да биде изготвена целосна мапа за состојбата со коронавирусот во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

