Македонија
Миланов: Измената на обвинението за „27 април“ е пораз за истрагата
Адвокатот Еленко Миланов смета дека измената на обвинителниот акт е триумф за одбраната. Според него, сега Миле Јанакиески и Спиро Ристовски не се товарат за организирање на партиски структури, туку за организирање на пратеници, без да се каже кој пратеник на кој начин е организиран.
Обвинителката Вилма Русковска, по судењето, кажа дека обвинението е променето поради недостаток на докази.
Миланов, кој ги застапува Јанакиески, Ристовски и Трајко Вељановски посочи дека се товарат за организирање на протести до 28 март, кога во Собранието не се спречувало ништо.
„Измената на обвинителниот акт сметам дека е само пораз за истрагата на Обвинителството и сето она што го правела до отпочнување на главната расправа. Одбраната со своите докази успеа да докаже дека оние дејствија кои што им ги ставаа на товар се до сега, за кои наводно ги сториле, а со тоа и ова кривично дело – паднаа во вода. Сите тие пропаднаа и затоа сега Обвинителството оди со сосема нови дејствија за кои одбраната досега ниту се произнела, ниту во тој дел понудила свои докази. Затоа сметам дека овој момент е триумф на одбраната, со тоа што, она што се тврдеше дека е сторено, не постои во диспозитивот на обвинителниот акт. Сега, имаме сосема нови дејствија. Организирање на протести заклучно со 28 март или на еден ден од отпочнувањето на расправата по третата точка. Кој до тогаш, до тој момент, било што спречуваше во Собранието? Дејствијата ако беа дека досега ги организирале партиските структури, Миле и Спиро, сега е дека организирале пратеници. Кој пратеник на кој начин го организирал? Во делот на насилство и организација на насилство во Собрание, освен некој си план, не ги товари Трајко, Миле и Спиро. На кој начин е сторено терористичко загрозување? Со насилство или со уметници на протести? Тоа е суштинската измена во обвинителниот акт“, рече Миланов.
Обвинителката Вилма Русковска прашана зошто ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, не е опфатена со обвинителниот акт, кога разменувала пораки со Миле Јанакиески кои се доказ дека обвинетиот организирал протести, таа кажа дека за неа немало докази дека направила нешто друго, освен ангажирањето на уметници.
„Не е комплетно изменето обвинението. Има измена во дејствијата на обвинетите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Тие измени се направија бидејќи произлегоа од одбраната на обвинетите. Обвинителството има неспорни докази дека тие од првиот момент се едни од главните организатори на протестите на ‘За заедничка Македонија’. Не знам и стварно не ми е јасно зошто одбраната бараше одлагање на завршените зборови. Материјалните докази, СМС-пораките беа сите изведени. Бидејќи немаме материјален доказ за тоа, се направија измените. Само во однос на организирање на протестите. За Елизабета Канческа-Милевска нема обвинение зошто немавме докази дека освен ангажирање на уметници и познати личности, направила било што друго, конкретно. И Кирил Божиновски го споменав. Но, освен тоа, немавме други докази за нешто поконкретно“, рече Русковска по рочиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

