Македонија
Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ формално сé уште не преговара за коалиција
Партијата ВМРО-ДПМНЕ постојано одржува неформални комуникации со другите партии, но формални средби за формирање нова влада по изборите од 11-ти декември, сé уште нема, затоа што се чека претседателот да им го додели мандатот.
„Неформални комуникации секогаш имало и ќе има, но, сепак, формалниот дел на какви и да се преговори треба да почне во моментот кога ќе го добиеме мандатот од Претседателот Иванов. Што очекуваме да се случи во законскиот рок од десет дена по конституирањето на Собранието што треба да се случи утре како конститутивна седница“, рече Антонијо Милошоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој не открива со која албанска партија се разговара, туку вели дека ВМРО-ДПМНЕ е отворена политичка партија и секогаш имале комуникација со секоја добронамерна партија која што има за цел да има стабилна Влада и стабилна Република Македонија.
Милошоски рече дека денеска, се одржа работна средба во Собранието на Република Македонија каде што досегашниот Претседател Трајко Вељаноски ги координираше пратеничките групи и нивните претставници.
„Беше одлучено да се почитува Деловникот, а одредбата од Деловникот е јасна тој што ја свикува седницата тој треба и да претседава со истата конститутивна седница на Собранието на Република Македонија, за жал изненадени бевме од СДСМ имаше став спротивен на деловничките одредби. Се надеваме дека тоа не е изговор за предизвикување на какви било инциденти на утрешната седница, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ апелира и до опозицијата и до сите политички партии утре да имаме една достоинствена седница за верификација на мандатите на луѓето кои што народот ги избрал како претставници на македонското Собрание“, рече Милошоски./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

