Македонија
Не се знае кој е луд а кој збунет во Владата: Милошоски прашува дали двајцата министри од проевропски станале прокинески
„Јас најпрво би сакал да изразам едно изненадување што техничкиот премиер Талат Џафери почнал да следи социјални мрежи. Речиси и да немаше интервју во кое што тој не потенцираше дека тој не е фејсбук политичар, тој не е твитер политичар, нема фејсбук, нема твитер, не следи социјални мрежи итн. Сега гледаме одеднаш забележал како двајца министри во неговата Влада објавиле статуси на ФБ кои што не му се допаѓаат на техничкиот премиер“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Милошоски му честита на техничкиот премиер што напреднал и започнал да ги следи социјалните објави на политичари.
„Првата работа што сакам да ја потенцирам дека во оваа Влада која што себеси се нарекува европски фронт не се знае денес кој е луд, а кој е збунет. Оваа Влада се нарекува европски фронт, но очигледно е дека е фронт на корупција и криминал. Фронт во кој што се борат секој за својата позиција и секој за повеќе тендери“, нагласи пратеникот.
„До пред десет дена господинот Џафери беше убеден дека овие двајца министри се најдобриот избор за тие министерски позиции. Не поминаа ни десет дена, а сега го примаме ова како иницијатива за разрешување врз основа на објавени ФБ статуси. Да биде уште поконтраверзно тој самиот напомена дека не гледа некакви суштински забелешки во работата на овие министри кои што ги предлага за разрешување“, укажа Милошоски.
Милошоски посочи дека затоа прашањето е дали за десет дена овие министри од проевропски станаа проруски.
„Дали од проевропски станаа прокинески? Дали овие министри од проевропски станаа протурски? Или можеби станаа проавстралиски? Не знаеме во европскиот фронт кој која страна ја има фатено, каква грешка има направено, и што е тоа што ги обединува овие луѓе во власта“, запраша пратеникот.
„Но, тоа што го забележуваме е дека во власта досега ги обединувале тендерите, набавките, корупцијата и провизиите. На првата кавга кога забележаа дека постои реална основа оваа власт да падне и да биде сменета тогаш стравот почна да ги разединува токму затоа што ќе го изгубат она што ги обединуваше, а тоа се тендерите, набавките, корупцијата и провизиите“, рече Милошоски.
Пратеникот напомена дека во оваа кавга на Артан со Таравари, и во ова танго на Талат со Зијадин Села за жал Ковачевски и СДСМ се уште се само неми статисти.
„СДСМ не само што не е прва, во моментов не е ни втора партија во Владата. Во моментов во Владата се води политичка битка помеѓу ДУИ и Алијанса, а СДСМ е само спотер кој што притиска зелено или црвено копче зависно од тоа каква порака ќе примат од Артан Груби во вибер групите за политички насоки и дејствувања“, нагласи тој.
Милошоски додаде дека се увиде дека Артан Груби им праќал пораки на директорите на Клинички центар за да земат боледување и да не бидат разрешени.
„Замислете еден вицепремиер во Владата кога на директорите им дава упатство да не ги слушаат одредбите на министерот, да не ги почитуваат неговите одлуки. Тоа е директен повик за беззаконие“, истакна пратеникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.

