Македонија
Минималната плата не стана 450 евра; Трендафилов: Утре ќе биде 101. ден од новата Влада и ништо нема да биде сменето
Владата на Христијан Мицкоски не го исполни барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од мај годинава – покачувањето на минималната плата на 450 евра да им биде приоритет и да се случи во првите сто дена. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, сè уште чека седница на Економско-социјалниот совет, на која ќе се разговара за покачувањето на минималната плата.
„Не би коментирал што се случи во првите 100 дена. Утре ќе биде 101. ден од новата Влада и повторно нема да биде ништо сменето. Очекуваме да седнеме на седница на Економско-социјалниот совет и да ни кажат што направиле“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов, денес пред почетокот на конференцијата „Социјален дијалог – состојба, перспективи и предизвици“, организирана од ССМ и Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Сојузот на синдикатите на Македонија веќе донел одлуки и заклучоци дека ќе им даде поддршка на сите синдикати во борбата за раст на платите, вклучително и на минималната плата, нешто што, според претседателот Трендафилов, требало да се случи вчера оти денес е доцна.
Трендафилов очекувал, но во првите сто дена од новата Влада не бил повикан на состанок за да ги пренесе барањата на работниците, па најави дека тоа ќе го стори на првата седница на Економско-социјалниот совет.
„Сметаме дека аргументите се токму на страната на работниците. Сметаме дека 25.000 работници во државата, кои примаат плата од 22.567 денари, е нечовечки и некоректно да земаат. Сметаме дека 10.000 работници, кои примаат плата од 1 денар до 22.567 денари е кривично дело што го прават работодавците. За да се покрие една синдикална минимална кошничка, потребни се веќе три минимални плати, затоа сметаме дека нашите аргументи се издржани. Делот за храна и пијалаци е веќе 23.000 денари, значи една минимална плата не покрива ниту леб и вода. Овие наши аргументи, како и другите што треба да ги изнесеме на седница на Економско-социјалниот совет, ќе бидат првиот чекор да им покажеме со што се соочуваме како претставници на работниците и сметаме дека ако очекуваат да ги разбереме, треба прво тие да нè разберат нас“, вели претседателот Трендафилов.
Денес, на иницијатива на ССМ, првпат на едно место се собираат претставници на синдикатите, Организацијата на работодавците, претставници од Министерството за економија и труд, како и претставници на Министерството за јавна администрација, да дискутираат за социјалниот дијалог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

