Македонија
Министерката за култура нема да побара разрешување на Азири поради статусот со говор на омраза
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, засега нема да побара разрешување на државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири, кој најави кршење на рацете и нозете на оние што ќе ги понижат Албанците. Пратеникот Антонио Милошоски, кој во избришаниот статус на Азири беше квалификуван како антиалбанец, ја праша министерката: „Дали Вие сметате дека е упатно да предложите разрешување на Валмир Азири поради употреба на говор на омраза“.
„Јас не го оправдувам насилството. Против него поднесовте пријава и доколку според извештајот од надлежните органи, кои треба да постапат по Вашата пријава, се утврди кривично дело, според тоа ќе биде донесено соодветно решение“, одговори Костадиновска-Стојчевска.
Од одговорот не беше задоволен пратеникот Милошоски. Тој посочи дека поради Азири, губи Министерството за култура.
„Кога државен секретар во Министерство за култура, каде што очекуваме луѓето да бидат поплеменити, јавно пишува за кршење раце и нозе на сите што тој смета дека не размислуваат како него или соодветно, сметам дека Министерството за култура губи репутација со еден таков човек во своите редови. Ако Вие предложите разрешување, кое може да не биде прифатено, ќе добиете повеќе репутација. Ако Вие штитите човек што јавно повикува на говор на омраза, Вие, Вашето министерство и Владата губат репутација. И наместо да се превенира поткупувањето на говорот на омраза, ќе станете пасивен поттикнувач. Овој човек нема да ви помогне во културата“, додаде Милошоски.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири. Ваквиот чекор доаѓа откога Азири на социјалните мрежи напиша, па избриша: „Антиалбанец како Милошоски заслужува и повеќе, времето на продавачите на магла заврши, новите генерации Албанци ќе им ги скршат рацете и нозете на сите што ќе се обидат да ги понижат Албанците“, и додаде емотикон тупаница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Јавното обвинителство мора да отвори предмет за тендерот од 1,2 милиони евра“, бара СДСМ
„Јавното обвинителство не смее да молчи за криминалните тендери туку да делува. Обвинителството мора веднаш да отвори предмет и да започне истрага за скандалозниот тендер од 1,2 милиони евра во АД Пошта, доделен на фирма на советник од ЗНАМ“, велат од СДСМ.
„Антикорупцискиот тим објави конкретни наводи и докази од свиркач, вработен во Пошта за организирано испумпување јавни пари и системска кражба на пари од граѓаните.
Постојат основани сомнежи дека над 300.000 евра годишно, пари на граѓаните, се вадат преку корупциски шеми.
Како? Според наводите, недостасуваат постојано околу 14 хигиеничари а други работата со половина работно време и покрај тоа што за сите нив се исплаќа целосен износ, како да се вработени и присутни цел ден.
Како се прикрива сето ова?
Со потпишување лажни дневници за отсутни хигиеничари, лажни извештаи за наводни генерални чистења кои никогаш не се реализираат.
Ако институциите не постапуваат значи дека се заштитници на криминалот на ВМРО и ЗНАМ.
Бараме Јавното обвинителство да отвори предмет и итно да покрене истрага.
Секој што го прекршил законот мора да одговара“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)

