Македонија
Министерот Муцунски ги прими акредитивите од новоименуваната амбасадорка на Кралството Холандија, Узлем Џанел

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Кралството Холандија во нашата држава, Узлем Џанел.
На средбата министерот Муцунски и посака срдечно добредојде на амбасадорката и успешна дипломатска мисија, изразувајќи задоволство од досегашниот динамичен и континуиран политички дијалог меѓу двете држави, изразувајќи очекување дека и за време на нејзиниот мандат во нашата земја, со заедничка работа ќе се придонесе кон натамошно унапредување на соработката.
Притоа, тој се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка на Кралството Холандија на нашиот европски пат потенцирајќи го значењето на партнерството со Холандија во процесот на интеграција кон ЕУ и на поддршката и помошта во градењето на европски и демократски институции во земјава.
Холандската Амбасадорка Џанел изрази подготвеност за интензивирање на политичките и економски односи за време на нејзината дипломатска мисија, нагласувајќи дека Кралството Холандија ќе продолжи со принципиелна поддршка на патот на нашата земја кон ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно време повремено со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен западен, а долж Повардарието северен ветер, кој попладне наместа ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во претпладневните часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер.
Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Комисијата утврди дискриминација врз професионалните војници – синдикатот бара итни законски измени

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз професионалните војници од страна на Министерството за одбрана, информира Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје.
Претставката до Комисијата ја поднел Александар Насковски, претседател на синдикатот и професионален војник, на 12 ноември 2024 година. Според него, Министерството со години не го трансформира работниот однос на професионалните војници од определено на неопределено време, спротивно на член 46 од Законот за работни односи.
„Професионалните војници се единствената категорија вработени во државата кои работат и по 25 години со договори на определено време, често продолжувани и по седум или осум пати, без можност да остварат право на пензија“, изјави Насковски.
По долготрајна институционална игнорација, синдикатот на 3 јуни 2025 година достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата до Собранието и сите пратенички групи. Со предложените измени се предвидува конечно уредување на статусот на професионалните војници и спроведување на препораките од Комисијата.
Синдикатот очекува Министерството за одбрана и пратениците да постапат по препораките и да ја исправат, како што велат, децениската неправда, со што ќе се постигне и буџетска заштеда за институцијата.
Македонија
Ангелов на состанок во Берово: Планирање на акција за справување со пожарот над Русиново

Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, синоќа присуствуваше на координативниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Берово, предводен од градоначалникот Звонко Пекевски.
На работниот состанок се анализираа извештаите за движењето и интензитетот на пожарот во планината над селото Русиново. Како главни предизвици беа посочени променливиот ветер, остатоците од стари пожари – шупливи дрвја кои при горење паѓаат по стрмнините – како и непристапниот терен, што значително го отежнува гаснењето.
Според соопштението од ДЗС, состанокот траел подолго поради разгледување на повеќе стратегии за утринска интервенција. Се планира комбинирана акција со теренски сили, механизација и ангажман на воздухоплови, чија активност ќе се координира од земја во согласност со конкретните дневни услови.
Ова е дел од континуираните напори за справување со активните пожари во источниот дел на земјата.