Македонија
Министерот Филипче го разреши економскиот директор на ГАК, Ваљон Беља
Министерот за здравство, Венко Филипче, го разреши економскиот директор на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Ваљон Беља, кој влезе во отворен судир со медицинската директорка Викторија Јовановска и на социјалната мрежа „Фејсбук“ ја обвини дека Клиниката фаворизира фирма за микробиолошки тестови со поставување специфична спецификација на набавките.
„Директорот е разрешен поради несоодветен настап во јавноста и поради нарушување на меѓучовечките односи“, изјави Филипче за „Макфакс“.
Во текот на денот и Јовановска и Беља излегоа со меѓусебни престрелки – таа рече дека причина за постапките на економскиот директор лежат во одбивањето да одобри вработување две лица во неговиот кабинет и дека тестовите за кои обвинува Беља се набавени со негова согласност и со негов потпис. Таа најави дека ќе поднесе тужба за клевета, а Беља веќе случајот го пријави во Обвинителството.
Инаку, директорката на ГАК, Викторија Јовановска, важи за блиска пријателка на семејството на премиерот Зоран Заев, а Ваљон Беља е од ДУИ. Тој вчера на „Фејсбук“ напиша дека Клиниката за гинекологија и акушерство платила петпати повеќе од стандардната цена за микробиолошки тестови.
„Наместо да чини 3.000 денари за еден тест за новороденчиња, Клиниката за ваков тест плаќа 15.000 денари, а како резултат на тоа медицинската директорка Викторија Јовановска потпишала договор од 4.252.500 денари за реализација на овие тестови. И, за жал, тука криминалот не завршува. Тестовите за одгледување хемокултура, како и молекуларните дијагностички реагенси, наместо да бидат понудени од други компании, кои даваат резултат за 30 минути, компанијата со која се договорила Клиниката за гинекологија и акушерство преку медицинска директорка Викторија Јовановска резултатите не може да ги обезбеди за 30 минути (за разлика од другите компании), но, за жал, резултатите доцнат 3 дена или 72 часа. Доцнењето на овие резултати, кои се навистина важни за новороденчињата (особено за оние што предвреме се родени), може да влијае самото новородено бебе да почине чекајќи ги горенаведените резултати“, напиша тој.
На ова Јовановска возврати дека обвинувањата доаѓаат од комплетно нестручна и некомпетентна личност бидејќи тој не е медицинско лице, туку дипломиран политиколог.
„Обвинувањата дојдоа по нивно еднонеделно уценување за да го потпишам договорот за вработување негови советници. Овие набавки за кој тој обвинува беа потпишани и од негова страна, ако биле такви тестовите и ако не биле економски оправдани, не требало да ги потпишува“, рече Јовановска и најави дека ќе поднесе кривична пријава за клевета.
Беља, пак, денеска ги поднесе документите до Обвинителството и рече дека нема негов потпис на договорите за набавки за кои обвинува.
„Таа лаже“, рече тој додавајќи дека на ГАК открил економски криминал и случаи на непотизам за кои доплнително ќе ја информира јавноста.
Министерот Филипче утринава најави дека ќе ги соочи двајцата директори, а попладневно го разреши Беља.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

