Македонија
Министерството за здравство апелира задолжително да се носи заштитна опрема за покривање на носот и устата
За заштита од коронавирусот на населението, од денес за сите граѓани почнува да важи уредбата на Владата за носење лична заштитна опрема за носот и устата, која може да биде: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично. Физичката прекривка на носот и устата кај сите граѓани ќе овозможи прекин на преносот на вирусот. Задолжително е носењето заштитна опрема за покривање на носот и устата во сите јавни затворени простори како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можност за одржување ндистанца од два метрa помеѓу граѓаните, како што се пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично.
Уредбата за задолжително носење заштитна опрема за покривање на носот и устата се донесува заедно со уредбата за намалување на ограничувањето на мерките и е клучна во превенцијата од ширењето на вирусот. За личната и колективна заштита може да се користи маска или прекривка на устата и на носот кои целосно ги покриваат устата и носот. Почитувањето на оваа мерка од страна на сите граѓани на цела територија на Република Северна Македонија е исклучително важно заради заштита на сопственото здравје, здравјето на своите најблиски и колективното здравје, зошто само со заштита може да се спречи значајното зголемување на бројот на новодијагностицирани пациенти.
Носењето заштитна опрема за покривање на носот и устата не е задолжително при престој во домот, во сопствен двор или тераса, при спортување, возење велосипед или прошетка на отворен простор со одржување дистанца поголема од два метра.
Носењето заштитна опрема за покривање на носот и устата мора да биде проследено со зголемена хигиена на раце и граѓаните мора да се многу внимателни како се става, а како се вади прекривката, поради тоа што и нечисти раце во надворешна средина при манипулацијата може да предизвикаат инфекција. Важно е редовно да се одржува хигиена на прекривката на носот и устата, односно да се пере и пегла прекривката за повеќекратна употреба по секое носење, а маските за еднократна употреба да се отстрануваат правилно во затворени кеси во отпад.
Министерството за здравство апелира до сите граѓани целосно и без исклучок да ја почитуваат мерката за носење заштитна опрема за покривање на носот и устата, задолжително често и темелно миење раце со сапун и вода или средства за дезинфекција, одржување физичка дистанца од два метра секогаш кога тоа е возможно. Одговорноста за заштитата на сопственото здравје, здравјето на најблиските и јавното здравје е на секој граѓанин. Благодариме што ги почитувате мерките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

