Македонија
САД ѝ донираа на Македонија 400.000 долари за опрема за вакцинација

САД ѝ донираа на Македонија 400.000 долари за опрема за вакцинација.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска имаше средба со висока делегација од сојузната држава на САД, Вермонт, што ја предводи заменик-гувернерката Моли Греј, командантот на Националната гарда, генерал-мајор Грегори Најт, кои се во официјална посета на нашата држава.
На состанокот стана збор за иницијатива за почнување соработка со Универзитетот „Вермонт“ во областа на медицината.
Министерот предложи да се обезбеди програма за едукација на нашите студенти од последна година на Медицинскиот факултет на реномираниот Универзитет „Вермонт“ од Соединетите Американски Држави. Во насока на едукацијата студентите би можеле да следат настава, а воедно и стручни лица од Универзитетот да доаѓаат во нашата држава и да реализираат обука на наши лекари и медицински лица.
Филипче ги поздрави големата поддршка и заложбата на САД што нашата земја ги добива од почетокот на ковид-пандемијата и, како што истакна министерот, без таа поддршка невозможно ќе беше да успееме да управуваме со здравстевната криза на начин на кој го сторивме тоа.
Во рамките на многуте донации како поддршка за справување со ковид-пандемијата, САД на нашата земја денеска ѝ донираа 400.000 долари за набавка на опрема за вакцинација и имунизација за справување со кризата предизвикана од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасков: ВМРО-ДПМНЕ ги изневери просветните работници

ВМРО-ДПМНЕ ги изневери просветните работници и учениците, ништо од ветеното не исполни, изјави на прес-конференција, Јованче Манасков, претседател на Комисијата за образование и наука на СДСМ.
Од партијата по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители изразија благодарност до просветните работници и до сите оние кои секојдневно вложуваат целосна посветеност во воспитно-образовниот процес и во создавањето на идни професионалци во различните области на општественото живеење.
Тој рече дека Владата на СДСМ работела на создавање на соверемен и инклузивен образовен систем достапен за сите, па зборуваше за зголемувањето н аплатите за 56 отсто во основното и средното образование, вклучително и воведување на регрес за годишен одмор првпат по 20 години. Го спомена укинувањето на екстерното тестирање и казните за наставниците, и воведувањето на дуалното образование.
Според СДСМ, денес има уназадување на образовниот процес и статусот на наставниот кадар, а ВМРО-ДПМНЕ нема ниту волја ниту слух за зголемување на платите на вработените во образованието иако потрошувачката кошничка секојдневно расте.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
„Дозволете ми од срце да ви изразам искрени честитки по повод 24 Мај, денот кога го славиме споменот на Светите рамноапостоли Кирил и Методиј – сесловенски просветители, заштитници на Европа, браќа и учители.
Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите.
Да го чествуваме и чуваме нивниот спомен преку негувањето на вредностите коишто тие ги отелотворија: мудрост, вера, образование и обединетост. Славејќи ги нивните дела, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство.
Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив!“, се вели во честитката на Давкова.
Македонија
Гаши со честитка по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, испрати честитка по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.
„Во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, упатувам искрени честитки до сите граѓани по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
Овој празник нè потсетува на големината на мисијата на сесловенските просветителски браќа, кои преку создавањето на глаголицата и ширењето на писменоста, оставија длабока трага во историјата на словенските народи.
Како Собрание, остануваме посветени на унапредувањето на образованието, културата и јазичната разноликост, како суштински вредности на едно демократско и напредно општество.
На сите ви посакувам празник исполнет со почит кон словенското просветителско наследство и инспирација за нови знаења и духовен напредок“, се вели во честитката.