Македонија
Минчев: Реформата на јавната администрација е клучен приоритет за европската интеграција на Македонија
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на настанот посветен на презентацијата на Извештајот за мониторинг на СИГМА за 2024 година, нагласувајќи ја важноста на реформите во јавната администрација како еден од клучните приоритети во пристапниот процес кон Европската Унија.
„Модернизацијата и унапредувањето на јавната администрација се темел на функционален јавен сектор, кој е двигател на секое демократско општество. Формирањето на Министерството за јавна администрација е стратешки одговор на Владата за забрзување на реформите и подобрување на ефикасноста и транспарентноста на институциите“ – истакна министерот Минчев.
Тој додаде дека Извештајот на СИГМА претставува значајна алатка за оценка на досегашните резултати и идентификација на областите во кои е потребно унапредување. Министерството активно работи на имплементација на мерките од Стратегијата за реформа на јавната администрација, со посебен фокус на департизација, професионализација и воспоставување кохерентен систем на плати.
„Граѓаните мора да имаат доверба во институциите и да чувствуваат дека тие работат во нивен интерес. Затоа, реформите мора да бидат инклузивни, а процесот на креирање политики транспарентен.
Подготвивме нови законски решенија – Закон за административни службеници, Закон за вработени во јавниот сектор и Закон за стручно усовршување – кои наскоро ќе бидат предложени на Владата и Собранието“ – посочи министерот.
Дополнително, Минчев го најави и новиот Закон за инспекциски надзор, кој ќе воведе структурни промени за подобра координација на инспекциските служби и намалување на административните трошоци.
Во контекст на европските интеграции, истакна дека критиките од Европската комисија за политичката поддршка и координацијата на реформите ќе бидат земени предвид за унапредување на процесот.
„Благодарни сме на СИГМА за нивната континуирана поддршка. Ова партнерство е клучно за градење капацитети и приближување кон европските стандарди“ – заклучи министерот, изразувајќи уверување дека со заеднички напори ќе се постигнат поставените цели за модерна и ефикасна јавна администрација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.

