Македонија
Мисини ќе треба да издржи уште четири дена во штрајкот без вода, бидејќи Ковачевски за понеделник ги најави измените на Законот
Целта на активистот Суад Мисини кој протестира со жед и чека измени во Законот за водење матична евиденција ќе биде исполнета за четири дена. Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека законските измени ќе се усвојат во Собранието на првата наредна седница. Мисини најави дека нема да го прекине штрајкот додека Законот не биде изменет. Новинарите го прашаа премиерот дали активистот ќе издржи без вода уште четири дена – но не добија одговор.
„Измените кои требало да се направат во Законот за матична евиденција во делот на регистрација на евидентирани лица се направени во Парламентот. Во другите делови, се подготвува законот. На првата наредна седница за четири дена веднаш ќе бидат усвоени законските измени и ќе бидат поднесени до Собранието“, рече Ковачевски.
Активистот Суад Мисини веќе четири дена штрајкува со жед со цел да помогне на околу 600 граѓани кои имаат проблем со лични документи. Порачува дека потребни се итни измени во законот живеалиште и престојувалиште за ранливите категории на граѓани. Тој вели дека фантомите мора да ги снема од Македонија, а да се појават нормални граѓани на оваа земја, продуктивни поединци кои ќе ги уживаат правата гарантирани со Уставот и кои ќе плаќаат даноци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНМ: Осуда за обидот за цензура од страна на директорката на Клиниката за токсикологија
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Бесија Иљази, организациски директор на Клиниката за токсикологија во Скопје.
Според денешната пријава од членови на ЗНМ, на влезот на Клиниката за токсикологија во Скопје јавно била истакната наредба со која им се забранува на вработените да имаат контакти со новинари или медиуми.
Во наредбата од 20.5.2024 година се вели дека во согласност со член 30 и 31 од статутот на ЈЗУ Клиника за токсикологија – Скопје се забранува неовластено присуство, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции, со што би се нанело штета на интересите и угледот на клиниката.
Ваквата наредба претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ.
Јавните здравствени установи и сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес.
Новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции бидејќи на тоа ги обврзува новинарскиот Кодекс, кој јасно наведува дека новинарот ќе ги почитува законите, но нема да објави или скрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес, велат од ЗНМ.
ЗНМ формално ќе се обрати до ресорното министерство и ќе бара одговорност од директорката на Клиниката за токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба. Дополнително, ЗНМ ќе инсистира за итно повлекување на наредбата и на воспоставување транспарентност во работењето на клиниката, со цел да се осигурат слободата на говор и правото на новинарите да информираат за прашања од јавен интерес.
Македонија
УНДП-конференција: Родовата еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи во Западен Балкан и Турција
Катастрофите ги погодуваат сите, но последиците од нив не се еднакви за сите. Одредени категории граѓани, особено жените, лицата со попреченост и други ранливи групи се помалку заштитени во случаи на катастрофи. Овие прашања во однос на родовата еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи се во фокус на дводневната регионална конференција во организација на програмата за развој на Обединетите нации, што се одржува во Скопје.
„Жените не се само жртви на климатските промени, туку тие се и витални градители на издржливост и одржливост. Со зајакнување на улогата на жените, преку образование, економски можности и инклузивни политики, можеме да изградиме посилни, поотпорни заедници способни да ги издржат предизвиците на климата што се менува“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, во воведното обраќање.
Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман, ja истакна поддршката на нејзината држава за одржливиот развој во Северна Македонија во однос на засилувањето на отпорноста кон катастрофи.
„Швајцарија го препознава значењето на родово сензитивниот пристап во однос на политиките за намалување на ризиците од катастрофи и затоа треба да ги вклучиме најранливите групи во креирањето и имплементацијата на мерките на митигација. Токму затоа швајцарскиот проект ‘Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот Регион’ се стреми да го зголеми разбирањето кај сите засегнати страни за потребата од јасни насоки за систематско вклучување на жените и ранливите групи во креирањето политики и планови за одговори при катастрофи“, изјави Хулман.
„Жените често се на првата линија во борбата против последиците од катастрофите.
Затоа е значајно нивниот глас не само да биде слушнат туку и поддржан, особено во процесите на носење одлуки. Треба да ги препознаеме жените како лидерки, кои преземаат мерки за заштита на заедницата. На сличен начин лицата со попреченост поседуваат уникатно знаење и искуство, кое е клучно за зголемување на отпорноста на заедниците. Препознавањето на овие способности и планирањето за потребите на маргинализираните групи ја засилува отпорноста на сите нивоа“, изјави Григорјан.
На конференцијата учествуваат претставници од земјите на Западен Балкан и Турција, амбасади, невладини организации, приватен сектор, регионалната канцеларија на УНДП во Истанбул и повеќе агенции на Обединетите нации.
Конференцијата е организирана во рамките на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, финансиран од владата на Швајцарија, а со поддршка на регионалниот хаб на УНДП во Истанбул, како и финансиска поддршка на владата на Турција.
Македонија
Иљази им забрани на докторите од Токсикологија да даваат изјави за медиумите
Економската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, им забрани на вработените на Клиниката за токсикологија да даваат медиумиски изјави по скандалите, кои еден месец ја тресат здравствената установа.
Таа претходно немаше слух за барањето на вработените, кои повикаа да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, од кои имаат потреба, наместо 18 лица на чие вработување Иљази инсистира, а за кои веруваат дека не ги исполнуваат критериумите.
Кога докторите јавно ја прозваа Иљази дека не соработува со нив, не го зборува македонскиот јази, не се знае ништо за нејзиното образование, клиниката е во долгови, а во моментот не функционира токсиколошката лабораторија и се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, Иљази, наместо да одговори на критиките, донела писмена наредба до докторите да не комуницираат со јавноста.
„Клиниката за токсикологија – Скопје, в.д. организацискиот директор на Клиниката, на 20.5.2024 ја донесе следната НАРЕДБА за забрана на неовластено присуствување, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции. Се забранува неовластено свикување конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично, со што би се нанело штета на угледот на Клиниката. Средби со новинари, други медиуми, само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба подлежи на сакнционирање“, се наведува во наредбата.
Министерот за здравство Илир Демири претходно го разреши медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петревски, и покрај тоа што нивните поплаки се однесуваа на економската директорка. Од минатата недела 18-те лица повторно почнале да доаѓаат на работа на Клиниката, а во јавноста беше објавено дека меѓу нив има и лице што барало од лаборант урина со наркотици да биде заменета со чиста. Договорците потоа го обвинија професорот Нико Беќаровски за навреди на етничка основа, тој возврати со најава за тужби и доби поддршка од вработените на Клиниката, кои тврдат дека такво нешто не се случило, а за Беќаровски имаа да кажат сè најубаво.
Министерот за здравство Илир Демири минатата недела не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства што не добиле плата. Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави лани.