Македонија
(Видео) Митева: Одлуката на ЕУ потврдува дека никој не сака да седи на иста маса со криминалците од СДС и ДУИ
Одлуките на вчерашниот самит во Брисел покажаа дека Ковачевски и Османи, водејќи погрешна надворешна политика, ја донесоа Македонија во очајна ситуација. Почетокот на преговорите за Украина и Молдавија е чекор што ВМРО-ДПМНЕ го поздравува, но воедно покажува дека Македонија заслужува почеток на преговорите со ЕУ веднаш, оцени портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Она што, според неа, е најголем пораз за Македонија, е Ковачевски, кој деновиве во Брисел, наместо да лобира за почеток на преговорите, тој лови руски коалиции и кажува измислици.
На Македонија, вели таа, ѝ треба премиер што се бори за кауза наместо политиканство. Очекуваме да води јасна политика и од ЕУ да побара итен почеток за преговори.
„Граѓаните со право го имаат впечатокот дека Македонија не се изборила за поповолна позиција, како што тоа го направи Украина со сите свои недостатоци.
Веќе три децении Македонија и македонскиот народ се жртва на слаби политичари, кои не знаат да се изборат за националните интереси.
ЕУ веднаш. Ако власта беше способна да ја убеди ЕУ во вистинските вредности, за борба против криминалот и корупцијата, тогаш Бугарија не би била пречка. Но, недвосмислено се потврдува дека политичарите од ЕУ и европските држави не сакаат да седат на иста маса со криминалците од СДС и ДУИ.
Македонија не е функционална држава, системот е пропаднат, институциите разнишани, економската стабилност не постои. Сосема е лесно да ги идентификуваме главните причини поради кои Македонија не ги почна преговорите со ЕУ“, истакна Митева.
Според неа, власта на Ковачевски и Ахмети ги има сите точки на спојување на политичка корупција, па затоа во право е Бујар кога вели дека темни антиевропски сили држат во заложништво 2 милиона граѓани. Некои од нив се и на „темни“ листи, како Рамиз Мерко, а некои како Талат го злоупотребуваа европското знаменце за Лотаријата на ДУИ.
„Ако СДС е толку европска партија и тврди дека Македонија нема друг проблем за почеток на преговорите, освен Бугарија, тогаш зошто Ковачевски и Маричиќ не предложија Бугарија да ја напушти собата на кратко, но поважно е да одговорат зошто претставниците на ЕУ не ни помислуваат да предложат вакво нешто за Македонија.
Одговорот е едноставен, сите европски фактори лоцираат епидемија на корупција во Македонија, лоцираат дека владината гарнитура е недопирлива, а судската власт е нивен заштитник. Жалиме што Македонија и македонските граѓани се жртва на криминалната власт на СДС и ДУИ.
Со силна дипломатија, со чесна политика и длабоки реформи ќе ја вратиме Македонија достоинствена на евроинтегративниот пат“, дополни Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пушењето најголем ризик фактор за рак на бели дробови, значајно придонесува и кај други видови рак
По повод Светскиот ден за борба против ракот, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје потсетуваат дека пушењето претставува ризик фактор за малигни заболувања, а посебно за рак на бели дробови.
Според податоците на Институтот за јавно здравје водечка причина за смрт во државава во 2023 и 2024 година се малигните неоплазми на бронхиите и белите дробови.
- Употребата на тутун е водечка причина за рак кој може да се спречи. Статистичките податоци покажуваат дека вкупниот број на починати лица од малигни неоплазми на бронхии и бели дробови во 2024 година изнесува 860, од кои бројот на мажи е поголем, во однос на бројот на жени. Откажувањето од пушење значително го продолжува животниот век и квалитетот на животот, и токму на Светскиот ден за борба против ракот, уште еднаш апелираме на важноста од донесување на новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со цел заштита на здравјето на сите граѓани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Покрај употребата на тутун, други ризик фактори за малигни заболувања се и прекумерна дебелина, употреба на алкохол, недоволна физичка активност, неправилна исхрана.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, вкупниот број починати лица од малигни неоплазми во 2024 година изнесува 3.958, од кои 2.325 се мажи, а 1.633 се жени. Во истата година, бројот на починати од неоплазми на возраст над 65 години е речиси двојно поголем од бројот на починати до 64-годишна возраст.
Македонија
По заканите кон новинарот Видиновски, Обвинителството оформи предмет
Во насока на заложбите за заштита на безбедноста на новинарите и итно постапување за секое загрозување на медиумските слободи, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, оформи предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и испитување на кривична одговорност кај повеќе лица кои преку коментари на социјалната мрежа Фејсбук упатиле сериозни закани кон новинарот и уредник во Канал 5 Телевизија – Александар Видиновски.
Коментарите биле објавени под видео прилог на новинарот кој се однесува на непрописно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост.
Имајќи во вид дека во конкретниов случај станува збор за новинар и уредник кој врши дејност од јавен интерес и професионални задачи, предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје со цел да преземе дејствија за испитување на индициите за евентуално постоење на елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност.
Македонија
Обвинителството оформи предмет по допрен глас за наводите за транспорт на мозоци од починати лица во САД
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, врз основа на повеќе објавени информации во медиумите, оформи предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Џефри Епштајн кои упатуваат дека примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани за научно-истражувачки цели во САД, соопштија од таму.
„Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.
Предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое треба да преземе дејствија на прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, во насока на утврдување на евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности“.

