Македонија
(Видео) Митовски од „Инфомакс“: Протестот не е за мене, туку за сите од фелата кои работат чесно
Претседателката на Македонската асоцијација на новинарите (МАН), Ивона Талевска, на протестот што се одржа пред Обвинителството, откако тие покренаа постапка против Александар Митовски од „Инфомакс“ за објавениот записник од случајот „Рекет“, побара да запре прогонот кој, според неа, се врши врз медиумите и новинарите.
Таа посочи дека Македонија заедно со Турција е на ниско ниво во медиумските слободи.
„Овој протест на МАН е под мотото ‘На новинарскиот збор одговорете со збор, а не со апсење и прогон и обвиненија’, и тоа сакаме да го порачаме. Додека го одржуваме овој протест пред ОЈО, во просториите на ‘Нетпрес’ се врши претрес за објавена истражувачка сторија. Тоа се методите на ОЈО. Се водат над 60 истраги, предистраги и процеси против медиуми и новинари кои не се блиски на актуелната владејачка структура. Тоа го правеше СЈО, сега го прави ОЈО. Ова мора да запре“, рече претседателката на МАН, Ивона Талевска.
Митовски од „Инфомакс“, кој го објави записникот од оштетениот Орце Камчев за случајот „Рекет“, посочи дека притисокот што го чувствува е неподнослив. Тој апелираше до републичкиот обвинител Љубомир Јовески и премиерот Зоран Заев да престанат со прогон.
„Овој протест не е за мене, туку за сите нас од фелата кои сакаме да работиме чесно. Тука видов луѓе кои се остри соперници, но застанаа рамо до рамо да ја бранат слободата на говорот. Во моментов се врши претрес во редакција, која е исто така опозициски настроена, критички настроена, за текст. Притисокот што се прави е неподнослив. Еднаш мора да застанеме заедно и да кажеме дека е доста. Се надевам дека апелите ќе стигнат до обвинителот Јовески, премиерот Зоран Заев. Пораката е да се замолчат новинарите, да се укине слободата на говорот. Секој кој ќе помисли да го критикува овој правосуден систем кој тоне во корупција“, рече Митовски.

Прашана од новинарите „Што е сменето од времето кога беше апсен новинарот Томислав Кежаровски“, претседателката на МАН, Ивона Талевска, рече дека разликата е во процентите на прогонот.
„МАН и тогаш ги поддржа протестите, и кога стануваше збор за Кежаровски. Разликата е во процентите на прогонот. Ние сме лидери во регионот на европско ниво во медиумски неслободи, во споредба со 2012 до сега. За протестов имаме поддршка од колегите од Бугарија, Србија, Косово, Албанија, односно од нашите сестрински здруженија. Имаме колеги од ЗНМ присутни на овој протест, а дали го поддржуваат овој протест, ќе го прашате Младен“, констатираше Талевска.
Во однос на тоа дали се задоволни од бројката на новинари кои дошле да го поддржат протестот, Талевска рече: „Па да, со оглед дека многу колеги се на работа“. Присутните продолжија со протест пред судската палата.
Од Обвинителството, во соопштение појаснија дека притив Митовски е поднесено обвинение за кривично дело оддавање службена тајна бидејќи со објавувањето на првата страница од Записникот за прием на кривична пријава изготвен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на интернет порталот www.infomax.mk на јавноста ѝ биле достапни податоците што претставуваат службена тајна.
„Со Записникот за прием на кривична пријава се поведува предистражната постапка и тој записник претставува составен дел од предметот и од обвинителските списи кои што се службени по својата природа. Затоа со објавувањето на записникот е постапено спротивно на член 289 од Законот за кривична постапка. Јавното обвинителство, како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела, согласно својата уставна и законска положба, е обврзано да ги гони сите сторители на кривични дела за кои се обезбедени докази на законит начин, како што тоа е направено во конкретниот случај“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

