Македонија
Мицевски до Џафери: Немојте да мислите дека некој Ви се плаши
Престрелките и високите тонови помеѓу координаторот на опозицијата, Никола Мицевски, и собранискиот спикер Талат Џафери продолжија и денеска во парламентот. На почетокот на 39-тата седница, при ставање на дневниот ред на гласање, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, му се налути на спикерот Џафери откако одби да ги стави на дневен ред интерпелациите за министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ.
„Ги тргате Маричиќ и Николовски бидејќи не сакате да зборуваме за нив. Ве разбирам дека сакате да ги заштитите и дека сте хибриден режим, но оваа институција ја водите Вие и ќе си постапувате во согласност со процедурата за да функционира како што треба. Немојте да мислите дека некој Ви се плаши, немојте да мислите дека ќе дозволиме да правите што сакате. Затоа барам уште веднаш интерпелациите да се стават на дневен ред. Во спротивно, ќе сметаме дека ја замолчувате опозицијата. Ги имате интерпелациите, не се разгледани, а знаете дека беа повлечени од 36. седница во интерес на граѓаните да се донесе петтиот пакет економски мерки“, рече Мицевски.
Џафери рече дека овие точки не можело да се најдат на оваа седница затоа што било спротивно на Деловникот и побара од опозицијата да си поднесе нови интерпелации.
„Немој ти да мислиш дека јас некому му се плашам, тоа како прво, второ, Деловникот важи за сите и не планирам да го кршам поради вас. Чисто како појаснување, овие точки беа ставени на 36. седница како што е процедурата, но не се расправаше по нив, повлечени се, а таа седница е завршена. Поднесете си нова интерпелација, по нова процедура, пробиени се тие рокови. Точка“, дециден беше Џафери.
Координаторот Мицевски не го смири одговорот, па побара повторно збор, но сепак и покрај новиот обид, не се гласаше по овие точки да се најдат на дневниот ред. Во меѓувреме, пратениците од опозицијата дофрлаа од место и се бунеа поради, како што велат, ова неправилна одлука.
„Немојте да ми извикувате ‘леле, леле’, ете ви го судот, поднесете нова пријава. Не е тоа поради Талат Џафери така, Деловникот вели така и престанете да дофрлате од место“, додаде Џафери.
Дневниот ред на 39-тата седница беше усвоен со 67 пратенички гласа, без воздржани и против.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

