Македонија
Мицевски: Зошто ни е мислење од Комисија кога истото не се почитува

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, побара да се тргне од дневен ред точката за имунитетот на Трајко Вељаноски. Според него, не се почитува одлуката на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања која одлучила да не му се одземе имунитетот на експретседателот на Собранието.
„Комисијата за мандатно-имунитетни прашања го разгледа барањето за притвор на експретседателот на Собранието Трајко Вељаноски од Основниот суд Скопје 1. Комисијата 2 дена расправаше по основ на точката. На крајот Комисијата со 4 гласа „за“ и 4 „против“ не му го одзеде пратеничкиот имунитет на Вељаноски. Во извештајот стои дека Комисијата не зазема став, па прашувам, ако комисијата не зазеде став и пратениците не беа убедени дека треба да му се земе имунитетот, зошто е потребата да дискутираме по истата. Или пак која е потребата да имаме комисии кога работата се завршува тука“, рече Мицевски на вечерашната седница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО ДПМНЕ ја става Македонија во заложништво на други држави, обвини Филипче

СДСМ од првиот ден предупредуваше дека Владата на ВМРО ДПМНЕ ја става државата во заложништво на други држави – наместо кон интеграција и напредок, во геополитичка изолација и опасна економска зависност, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој стакна дека ваквите укажувања на СДСМ, ги потврдила и Европската Унија во извештајот.
„Покрај опасното задолжување со директни заеми, политиките се водат под диктат на други земји кои имаат преголемо влијание врз влада. А сега тоа се повеќе се гледа и се потврдува. Во извештајот јасно стои дека Северна Македонија е тешко погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики – особено со потекло од Русија и од Кина“, рече Филипче.
Она што особено загрижува, како што рече Филипче, а што и ЕУ го нотира е задолжувањето од Унгарија, кое укажува на ризик од финансиска зависност од Кина.
„Се говори дека Европската Унија е алармирана за улогите на Унгарија и на Србија во унапредување и ширење на геополитичките цели на Русија и на Кина на Балканот. Во кој контекст, во извештајот се забележува ризик од зависност од Кина преку асиметрични заеми, како што е последниот заем од Унгарија – за кој се чини дека е набавен од Кина, за што ние исто така предупредувавме“, рече Филипче.
Дополнително, Филипче посочи дека додека власта од една страна ја става државата во заложништво на други држави, од друга страна ја изолира на дипломатско ниво.
„Владата исто така ја изолираше Македонија која единствена се воздржа од гласање за европската резолуција за Украина. Тоа е дипломатски срам и дипломатски скандал којшто го нотираат сите стратешки партнери, а сега и извештајот. Јасно укажавме дека за прв пат Македонија гласа надвор од контекстот на заедничка безбедносна и надворешна политика со ЕУ“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Филипче: 43 милиони евра од планот за раст останаа неискористени поради неспособноста на ВМРО‑ДПМНЕ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес‑конференција укажа дека премиерот Мицкоски го има напуштено европскиот пат, а законските измени предвидени во реформската агенда не се реализираа до крајниот рок – 30 јуни.
Тој нагласи дека поради неспособноста на Владата предводена од ВМРО‑ДПМНЕ да ги исполни роковите од реформската агенда, 43 милиони евра пари од Планот за раст наменети за реформи останале неискористени.
„Ова го говорат сите факти во однос на реформите, за кои не се задолжени ниту Бугарија ниту Грциja, туку самата Владата. Ова го гледаме во извештајот на ЕУ кој јасно ги детектира сите проблеми кои ги создава Владата а СДСМ цела година ги посочува и укажува за тие проблеми во јавноста. Степенот на реализиција на на реформската агенда покажува дека, заради неспособноста на Владата, повеќе од 43 милиони евра се практично неискористени. Истовремено, Владата не го оправдува, ниту го става во функција авансот од 52 милиони евра од Планот за раст на ЕУ“, подвлече Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека само едно министерство и тоа благодарение на реформите подготвени уште во времето на Владата на СДСМ, успеало нешто конкретно да реализира.
„Министерството за економија, нула реализирани реформи. Министерството за правда, за цела година нула закони, цела година. Министерството за енергетика, нула проекти, еден закон којшто на крајот со амандмани е направен спротивно на препораките на ЕУ. Министерството за дигитализација,единствено тоа и тоа се реформи што беа подготвени уште од нашето време, успеа да испорача нешто конкретно“, рече Филипче.
Тој посочи дека огромни суми достапни од ЕУ останаа неискористени, дел поради неспособност, дел поради недостиг на интерес.
„Очигледно повеќе ги интересираат скапите кредити од странство наместо бесплатните средства кои се поддршка за реофрмите кои ги бараат граѓаните. Имаме историски најслаб реализација на тие реформи што јасно укажува дека реформи со оваа власт нема да има“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Планина поместивме да го изгрaдиме експресниот пат од Фариш до Дреново, рече Николоски

Експресниот пат делница Фариш – Дреново, кој од денес е пуштен за сообраќај, е втората најтешка делница за работа, после автопатот Кичево-Охрид, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Изјави дека патот ќе го користат граѓаните од Тиквешкиот регион, од Прилеп, Битола, Ресен, Могила, Новаци, Кривогаштани и оние што сакаат полесно да патуваат до Охрид и таму да го поминат одморот.
„Навистина честитки до сите кои беа вклучени во реализацијата на можеби втората најтешка делница од сите што ги работиме во моментов. Гледано како подвиг после автопатот Охрид-Кичево, ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој што беше за решавање. Тунелите позади нас и планинанта позади нив беа голем предизвик. Буквално планина се помести за да се изгради овој експресен пат и да е безбеден што е многу значајно“, рече Николоски.
Министерот појасни дека отворањето било поместено за неколку месеци, за да се добие максимално безбеден експресен пат по кој граѓаните ќе можат да сообраќаат, но исто така и да ги отстранат сите пречки кои што стоеле на реализацијата на овој пат.
„Замислете претходната Влада не помислила дека ако цела карпа стои на патот дека е возможно во дадени временски услови недајбоже истата да се сруши и на патот. Затоа на крајот на минатата година заедно со Премиерот донесовме одлука да се реши тој проблем, еве денеска е решен, ќе може да се види позади овие тунели дека планината не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбедниот начин за комуникација“, рече Николоски.
Истакна дека со новиот пат од Скопје до Прилеп да се доаѓа за 1 час и 15, односно 1 час и 20 минути , а од Скопје до Битола да се патува за 1 час и 40 минути, а после реализацијата на автопатот Прилеп – Битола кој што доста интензивно се работи и за многу, многу пократко.
Свое обраќање имаа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.
Претходно беше пуштен за сообраќај експресниот пат делот од Градско до Дреново.