Македонија
Мицевски: Поднесовме предлог за укинување на техничката Влада
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ до Собранието денес поднесе предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за Влада.
Со овој предлог-закон, ние предвидуваме и бараме бришење на одредбите од законот за начинот на избор на Владата кои предвидуваа сто дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна Влада, рече на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
„ Во овој момент, кога се актуелни неколку кризи и кога владее општ хаос во државава, Македонија не смее и не може повеќе да губи ниту ден, а не, пак, сто дена за техничка Влада којашто нема да реши ниту еден од проблемите со кои се соочуваат државата и граѓаните.
Втората клучна интервенција во овој предлог-закон е тоа што предлагаме и бараме согласно Деловникот за работа на Собранието, овој предлог-закон да биде ставен како точка на дневен ред на 61. седница на Собранието на Република Македонија, којашто треба да се одржи в среда, 26.1.2022 година. Токму од овие причини, овој предлог-закон го поднесовме по скратена постапка.
Дополнително, сакам да ја информирам јавноста дека денес на редовната понеделничка координација кај претседателот на Собранието ги понудивме овие измени на Законот за поддршка и потпис и до парламентарното мнозинство, но тие не се изјаснија по ова прашање. Очигледно тие сè уште немаат став и желба за надминување на оваа катастрофална состојба во којашто се наоѓа Република Македонија. Очигледно, тие се плашат од гласот на народот и се плашат од брзи и предвремени парламентарни избори со коишто граѓаните ќе добијат народна, ефикасна и посветена Влада насочена исклучиво кон решавање на секојдневните проблеми на граѓаните“, истакна Мицевски.
Тој нагласи дека очекуваат барањето да се стави како точка на дневен ред на седницата којашто ќе се одржи в среда, согласно Деловникот, да биде прифатено и, како што рече, да добијат можност пред целата македонска јавност да дискутираат и аргументирано да дебатираат за оваа проблематика и за клучната потреба од измени на Законот за Влада.
Единствениот излез и решение за Македонија и сите нас се брзи предвремени парламентарни избори и народна Влада којашто веднаш ќе ги засука ракавите и посветено ќе работи на излез од оваа безизлезна и катастрофална состојба, заклучи Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.

