Македонија
Мицевски: Димитров го урна угледот на државата, постапуваше на дрзок и препотентен начин
Во Собранието почна постапката за интерпелација на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, поднесена од 33 пратеници на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на тоа зошто треба да поднесе оставка министерот Димитров, образложи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој зборуваше за штетните договори со Грција и Бугарија што Димитров ги склучил на штета на македонскиот идентитет, јазик и култура.
„Никола Димитров ја извршуваше работата несовесно, нетранспарентно и нестручно. Го урна угледот на државата. Постапуваше на дрзок и препотентен начин. Од 2017 година Македонија доживува само порази. Дури и народот го нарече искомплексиран, а ниту тој ниту Владата не се извинија за неговата навреда. Ги направи сите штетни компромиси за Македонија. На крајот излезе со предлог, дури за промена на Уставот за кој бараше поддршка и инклузивност од нас како опозиција. За нас тоа не е прифатливо. Ваков договор можеше да склучи кој било министер и која било влада“, рече Мицевски.
Министерот Димитров од собраниската говорница своите постапки ги оцени како победнички за дипломатијата затоа што, според него, биле решени децениски спорови во кои Македонија не изгубила ништо.
„Нема да го повторувам она што сум го образложил во јавноста, но ќе кажам дека вистината е на наша страна. Ние бевме на еден залутан пат на антиквизација и беше тешко да го пробиеме. Битката за македонскиот идентитет стана проблем токму поради ова, односно кој има поголемо право на Александар Македонски. Дали идентитетот е гипс и бетон што го постави претходната власт, таа вистина треба да ја прифатиме“, истакна Димитров.
Дебатата за интерпелацијата може да трае најмногу 24 часа, а се очекува да се изгласа до полноќ. За дебата се пријавени 20-ина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, нагласувајќи дека пејачот, кој бил пронајден со врзани раце, е згрижен.
Како што е наведено, по полициска потера, возилото во кое се наоѓале двете непознати лица, било запрено на територијата на општина Рума. Киднапираниот бил затекнат во возилото со врзани раце, додека киднаперите успеале да го напуштат возилото и да побегнат во непознат правец.
Двајцата претходно со нож и огнено оружје го киднапирале Кајмакоски.
Српското МВР потенцира и дека киднапирањето се случило во утринските часови во Белград и дека киднаперите барале пари од пејачот.
Македонија
Јелиќ и Кајмакоски се разделиле околу два по полноќ пред клубот кадешто настапиле, потоа пејачот бил киднапиран
Пејачот Даниел Кајмакоски синоќа беше киднапиран на улицата Караѓорѓева во Белград, а драмата се случила пред клубот во кој настапувал. Нешто малку пред киднапирањето, со него бил Алекса Јелиќ, кој сега се огласи за „Блиц“.
Како што раскажа, вечерта била вообичаена и тие двајцата се разделиле по настапот.
„Настапувавме, но немам никакви информации, освен она што и вие го имате. Важно е дека човекот е жив, здрав, дека е како што треба. Тоа е најважно, а останатото не можам да го коментирам“ рече Алекса Јелиќ, а на прашањето дали се слушнале, додаде: „Не, се разделивме синоќа меѓу еден и пол и два часот и оттогаш не успеавме да се слушнеме“ наведе тој за „Блиц“.
Претодно со официјален допис се огласи Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски. Таа рече дека утрово разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Српските медуими во текот на денот објавија и видео од полициската потера, а разговараа и за мајката на Кајмакоски, која изјави дека е во шок.
Македонија
(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година
Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028 година, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор за нов договор меѓу Владата и синдикатите УПОЗ и САДУ, за кој Мицкоски оцени дека претставува историски момент, бидејќи, како што рече, никогаш досега немало толку јасен и временски прецизиран план за усогласување на платите и нивно достоинствено ниво.
„Ова е поширок пакет кој ќе ги опфати вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата – вкупно околу 11.000 луѓе. Договорот има рок до 2028 година и претставува целосна регулација на односите меѓу Владата и вработените во овие институции“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека Владата веќе има постигнато слични договори со вработените во образованието и здравството.
Мицкоски најави дека паралелно ќе се работи и на нов општ колективен договор, во соработка со репрезентативните синдикати ССМ и КСС.

